Aynur Ekiz
24 Октомври 2022•Ажурирај: 25 Октомври 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп, кој престојува во Загреб, Хрватска, истакна дека и покрај актерите кои ги зголемуваат тензиите во регионот, Туркије и Хрватска претставуваат главните столбови на регионалната стабилност како доверливи и почитувани земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп им се обрати на студентите на Отсекот за туркологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб, каде говореше на темата „Важноста на турско-хрватската соработка по повод 30-годишнината од дипломатските односи“.
Шентоп истакна дека односите меѓу двете земји не се ограничени на 30 години, туку се темелат на длабоко вкоренета заедничка историја. Потсети дека Туркије е една од првите земји што ја призна независноста на Хрватска и дека со членството на Хрватска во НАТО во 2009 година е додадена сојузничка димензија на односите.
„Со влезот на Хрватска во Европа во 2013 година добивме уште еден пријател во Унијата кој ја разбира и ја поддржува нашата земја. Навистина е вредно за восхит што Хрватска, по една од најкрвавите војни во поновата историја, успеа за многу кратко време да стане полноправна членка и на НАТО и на ЕУ. Вклучувањето на Хрватска во евро и Шенген-зоната на крајот на деветтата година од членството во ЕУ ќе биде нова приказна за успехот. Во оваа прилика однапред честитам. Исто така на моите хрватски пријатели им го честитам почетокот на пристапните преговори со ОЕЦД. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Хрватска и по тоа прашање“, рече Шентоп.
Нагласи дека актуелната ситуација во Украина уште еднаш ја потврди неопходноста од соработка меѓу двете земји.
„Гледаме дека е неопходно доверливите партнери да работат заедно за мирот и стабилноста во регионот, дека принципите на меѓународниот систем може да се нарушат со силата на оружјето, а проблемите се обидуваат да се решат со груба сила. Освен во Украина и покрај актерите кои ги зголемуваат тензиите во регионот, Туркије и Хрватска се главните столбови на регионалната стабилност како доверливи и почитувани земји“, рече Шентоп.
Истакна дека Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб и Отсекот за туркологија ги гледа како една од истакнатите институции кои придонесуваат за турско-хрватското пријателство.
„Туркологијата е навистина важно подрачје. За жал, катедрите по туркологија, кои во различни земји се во рацете на центри кои се исполитизирани и непријателски расположени кон Туркије, се оддалечија од правење научни студии. Науката и образованието се многу важни подрачја кои не би требало да се жртвуваат поради предрасуди и непријателство“, порача Шентоп.