Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
24 Октомври 2022•Ажурирај: 25 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Туркије и Шведска денес разговараа за имплементацијата на трилатералниот договор, соопшти турското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во телефонски разговор, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, му честита на својот шведски колега Тобијас Билстром за неговото неодамнешно назначување за министер за надворешни работи.
Двајцата официјални претставници во разговорот се осврнаа и на трилатералниот меморандум за разбирање што беше потпишан во јуни.
Туркије, Шведска и Финска потпишаа трилатерален меморандум за разбирање на Самитот на НАТО во јуни што се одржа во Мадрид, кој предвидува нордиските земји да не даваат поддршка на ЈПГ/ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, и на терористичката организација ФЕТО.
ПКК се наоѓа на листата терористички организации на Туркије, Европската Унија и Соединетите Американски Држави и е одговорна за смртта на 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња. Сирискиот огранок на ПКК, ЈПГ, отворено санкциониран од неколку влади, има свои поддржувачи и во Европа.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад обидот за пуч во Туркије на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 лица беа повредени. ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрација на своите припадници во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.
Нордиските земји, исто така, се согласија да ги решат барањата испратени од Анкара за депортација или екстрадиција на осомничените за тероризам.
Парламентот на Туркије мора да ратификува одобрение за членство на Финска и Шведска во НАТО.