Kemal Zorlak
28 Август 2020•Ажурирај: 29 Август 2020
САРАЕВО
Во сараевската улица „Мула-Мустафа Бешескија“ денеска ќе биде одбележана 25. годишнина од масакрот на Градскиот пазар „Маркале“, во кој од граната исфрлена од позициите на српските сили загинаа 43 граѓани на Сараево, додека полесно и потешко беа ранети 84 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Минофрлачката граната со калибар од 120 милиметри, испукана од агресорските позиции на денешен ден во 1995 година од правецот на Требевиќ, експлодира на влезот кај Градскиот пазар, што се смета за едно од најстравичните злосторства кои српските воени, полициски и паравоени формации го извршиле во Сараево под опсада.
На трагично убиените граѓани на Сараево денеска ќе се присетат нивните семејства, пријатели и сограѓани.
На „Маркале“ една година претходно, на 5 февруари 1994 година, исто така е извршен масакр, кога во пад на граната исфрлена од српските позиции на преполниот градски пазар се убиени 68 граѓани на Сараево, а 144 се ранети.
За воените злосторства над жителите на Сараево, вклучувјќи и два масакри на „Маркале“, Меѓународниот суд во Хаг ги осуди високите офицери на Војската на Република Српска - Станислав Галиќ на доживотен затвор, а Драгомир Милошевиќ на 29 години затвор.