Admir Fazlagic
21 Декември 2019•Ажурирај: 23 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 21 декември - Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во честитката Пендаровски истакнува дека како претседател на Република Северна Македонија му е задоволство на сите припадници на турската заедница во Северна Македонија да им го честита 21 декември – Денот на наставата на турски јазик.
„Клучно за развојот на една заедница е правото на квалитетно и функционално образование на мајчин јазик. Државата не смее да прави компромиси и импровизации кога станува збор за ова суштинско прашање кое е толку важно за зачувување на културата и традицијата на помалубројните етнички заедници. И покрај предизвиците во реализацијата на ова право, Северна Македонија е горда што етничките заедници веќе подолго време можат да го користат правото на настава на свој мајчин јазик", се вели во честитката.
„Верувам дека секој човек од секоја заедница е подеднакво важен за оваа држава која е заеднички дом за сите нас. Секој човек и секоја заедница, вклучително и турската заедница, е дел од нашиот богат мозаик. Турците од Северна Македонија со своите автентични локални традиции и со својата богата литература и уметност го збогатуваат културниот и општествениот живот на нашата заедничка држава", се наведува во честитката на претседателот Пендаровски и се истакнува:
„Во ова светло, 21 декември – Денот на наставата на турски јазик е еден од оние празници што не потсетуваат за нашето огромно јазично и културно богатство, но и на нашата одговорност истото соодветно да го чуваме, унапредуваме и промовираме за оваа и за идните генерации. Ние немаме друга алтернатива освен градење на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет."