ПОДГОРИЦА (АА) - Црна Гора во регионот претставува земја која е многу стабилна, и е сојузник на Турција, порача денес во Подгорица Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција, кој претстојува во официјална посета на Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу се состана со црногорскиот колега Срѓан Дармановиќ, при што се констатирани одличните односи меѓу двете земји. Чавушоглу порача дека Црна Гора и Турција се пријателски земји.
„Имаме одлични политички односи, а економските односи од ден на ден сѐ повеќе се зајакнуваат. Црна Гора наскоро ќе стане полноправна членка на НАТО, а во текот на тој процес, Турција изрази искрена поддршка на Црна Гора, а во текот на членството на Црна Гора таа поддршка ќе продолжиме“, рече Чавушоглу.
Тој најави дека турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, оваа година ќе ја посети Црна Гора. „Мораме да ги покренеме сите механизми за уште повеќе да ја продлабочиме нашата соработка. Нашите компании покажуваат интерес за стопанските гранки во Црна Гора. Стоковата размена меѓу Турција и Црна Гора изнесува околу 75 милиони евра. Мислам дека ова не е доволно, поради тоа треба да го зголемиме извозот, но исто така, да го зголемиме нашето производство. Од друга страна, имаме културна соработка. Овде постои културниот центар 'Јунус Емре', кој успешно делува. Во Турција имаме околу 300 студенти од Црна Гора. Што се однесува до ТИКА, знаеме за поддршката што таа ѝ ја дава на Црна Гора. Овде се реализирани сериозни проекти и за ова година, ТИКА најмногу средства издвои за Црна Гора, околу шест милиони долари“, изјави Чавушоглу.
Тој истакна дека Црна Гора во регионот претставува земја која е многу стабилна. „Од една страна веќе го заврши процесот на пристапување во НАТО, поради тоа сакам да изразам големо задоволство. Од друга страна, Црна Гора добро напредува кон европските интеграции. Црна Гора е земја за пример, и сето она што го направи, ние го набљудуваме со радост. Црна Гора е наш сојузник“, порача турскиот шеф на дипломатијата.
На прашањето како ја коментира политичката стабилност на Балканот, Чавушоглу истакна дека стабилноста и безбедноста на Западен Балкан не се важни само за регионот, туку и за целиот европски континент и за Турција. „Секој треба да ја поддржи стабилноста на овој регион. Минатата година и Црна Гора се судри со проблеми, имавте обид за пуч. Турција, која и тоа го доживеа, е некој кој најдобро ја разбира таа ситуација. Затоа е важно членството на Црна Гора во НАТО. Сето она што се случува во Западен Балкан влијае на Европа“, рече Чавушоглу.
- Секое оружје во рацете на ЈПГ и ПКК е закана за Турција -
Министерот за надворешни работи на Турција остро ја критикуваше и синоќешната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп, кој му даде одобрување на Пентагон за опремување и вооружување на курдските елементи на Сириските демократски сили (SDG).
„И ЈПГ и ПКК се терористички организации. Нема тука никаква разлика. Само различно се нарекуваат и секое оружје што доаѓа во нивните раце е закана за Турција. И претходно ви покажавме дека од терористите на ПКК во Турција запленувавме оружје што е давано на сирискиот ЈПГ“, изјави Чавушоглу по денешната средба со црногорскиот колега Срѓан Дармановиќ во Подгорица.
Црногорскиот министер за надворешни работи, Срѓан Дармановиќ, пак, нагласи дека посетата на министерот Чавушоглу е значајна бидејќи претставува чекор кон интензивирање на политичкиот дијалог помеѓу Црна Гора и Турција.
„Посетата претставува уште една потврда дека нашите две пријателски земји делат заеднички интереси и определувања и дека меѓудржавните односи и понатаму ќе се интензивираат со реализација на нови проекти. На министерот Чавушоглу му се заблагодарив за сета поддршка која Турција ја давала и ја дава во однос на нашите евроатлантски интеграции. Во текот на разговорот констатиравме дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични, дека постои висок степен на меѓусебно разбирање и дека пред нас е период на натамошно јакнење на сите односи за соработка, особено во економската сфера. Во тој правец ни претстои потпишување на низа договори, како и основање на црногорско-турски клуб во Анкара, со што ќе се зајакне бизнис партнерството меѓу двете земји“, рече Дармановиќ.
Тој истакна дека Црна Гора е многу заинтересирана за привлекување на турски инвестиции и е отворена за понатамошно унапредување на односите со Турција во областа на енергетиката, туризмот, земјоделството и индустријата.
„Констатиравме дека посебната алка во нашите односи претставува бројната дијаспора и црногорските студенти во Турција“, рече Дармановиќ.
Чавушоглу во рамките на посетата на Црна Гора ќе се сретне со претседателите на државата и Собранието, Филип Вујановиќ и Иван Брајовиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
