Admir Fazlagic
18 Јуни 2017•Ажурирај: 18 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот Мухамед Зекири, попладнево се сретна со Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Република Турција, придружуван од пратениците Хусеин Бурге и Шабан Дишли, како и од амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Владата на Република Македонија, на средбата е изразена заедничка определеност за продлабочување на традиционалните пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција.
„Турскиот министер Чавушоглу во име на премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, му честиташе на премиерот Заев за стапувањето на должност претседател на Владата на Република Македонија и најави целосна поддршка на работата на Владата. Исто така, министерот Чавушоглу изрази уверување дека новата реформска Влада го отвора патот на Македонија кон ЕУ и НАТО и пренесе поддршка на Македонија од Турција за членството во НАТО, но и за евроаспирациите на земјава", информираат од Владата.
„Владата на Македонија е силно посветена на реформите важни за евро-атланстките интеграции на државата, но тие истовремено ќе придонесат и за развој на економијата и правната држава, како и за квалитетен живот на сите граѓани“, рече премиерот Заев.
Македонскиот премиер посочил дека Владата работи на создавање поволна деловна клима, за да овозможи функционирање на домашните претпријатија, но и странски инвестиции, со што Владата планира да создаде услови за нови работни места, повисоки плати и достоинствен животен стандард за граѓаните, информираа од Владата на Република Македонија.
Претходно денеска, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу се состана со претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, со министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, како и со поранешниот премиер и претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.