Ekipa
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Македонија треба да продолжи со преговорите за членство во НАТО и истакна дека е потребно поголемо внимание од Европската Унија (ЕУ) кон Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Потребно е Македонија да продолжи со преговорите за членство во НАТО и потребно е поголемо внимание од ЕУ кон Западен Балкан“, рече Чавушоглу, кој денеска во Анкара се состана со министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок. По средбата двајцата министри одржаа заедничка конференција за медиумите.
Зборувајќи за резултатите од референдумот, Чавушоглу рече дека тие се одраз на волјата на народот во Македонија и дека секој треба да ги почитува.
Министерот Чавушоглу истакна дека НАТО и ЕУ не треба да направат исчекор наназад во соработката со Македонија поради резултатот од референдумот.
За прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името во „Република Северна Македонија“, во Македонија на 30 септември се одржа референдум на кој беше поставено прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“
Излезноста на гласачите изнесуваше 36,91 отсто. Од гласачите што излегоа на гласање, 91,46 отсто го дадоа својот глас „за“, додека 5,65 отсто беа „против“.