Bekim Laci
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Референдумот во неделата, на кој над 600 илјади гласачи рекоа „да“, јасно ја искажа волјата на граѓаните на Република Македонија, што значи дека пратениците сега ќе мора да ја почитуваат таа волја, а Владата сега очекува од пратениците на опозицијата да го почитуваат овој став на граѓаните. Ова е ставот на Владата на Македонија, кој го објави нејзиниот портпарол Миле Бошњаковски, јавува Anadolu Agency (АА).
Зборувајќи на прес-конференција заедно со неговиот колега Мухамед Хоџа, Бошњаковски рече дека процесот е веќе во рацете на Парламентот, кој ќе мора да обезбеди две третини од пратениците (81), со кои може да се спроведе Договорот постигнат со Грција, во кој еден дел се однесува на уставните измени.
Тој не даде детали за можна средба Заев - Мицковски, бидејќи, како што рече, тоа е политичко прашање, а зборувајќи за плановите за предвремени избори, рече дека Владата инсистира и е фокусирана да обезбеди 81 пратеник.
„Нашиот став како Влада е јасен, разговори со пратениците и двотретинско мнозинство во Собранието. Се разбира, доколку се исцрпат овие можности, како втора алатка во секоја демократија, најавени се предвремени избори“, рече Бошњаковски.
Од друга страна, портпаролот на Хоџа, извести дека на предлог од Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија на својата последна седница ја одобри информацијата за потребата да се воспостави меѓусекторска група која ќе предложи модел за реформи во безбедносниот и разузнавачкиот систем, заедно со план за нејзиното основање. Министерот за внатрешни работи има рок од три дена да ја достави до Владата предлог-одлуката за формирање на оваа група која треба да воведе модел на реформи.