Adel Omeragic
09 Мај 2019•Ажурирај: 10 Мај 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Лидерите на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, се осудени денеска на по 5 години затвор, со одлуката на судијката Сузана Мугоша, која ги прогласи виновни сите обвинети во случајот за обид за државен удар на денот на парламентарните избори во Црна Гора во октомври 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Судијката Сузана Мугоша изјави дека целта на криминалната организација била да ги заплаши граѓаните, да ги повреди уставните структури на Црна Гора и да го спречи влезот на Црна Гора во сојузот НАТО. Како што наведе таа, членовите на организацијата биле пресметливи и свесни за своето дело и сакале да го извршат, знаејќи дека е нелегално.
Со одлуката на Судскиот совет сите обвинети се прогласени за виновни.
Така на руските државјани Едуард Шишмаков и Владимир Попов им се одредени казни затвор од 15, односно 12 години затвор. Братислав Дикиќ, поранешниот командант на жандармеријата во Србија е осуден на 8 години затвор, додека Предраг Богичевиќ и Немања Ристиќ се осудени на 7 години затвор.
Државјаните на Србија, Србољуб Џорџевиќ и Милан Душиќ добија по една година и 6 месеци затвор. Бранка Милиќ, која се наоѓа во бегство во Амбасадата на Србија во Подгорица е осудена на 3 години затвор, додека Драган Максиќ е осуден на една година и 9 месеци.
Возачот на ДФ, Михаило Чаѓеновиќ е осуден на една година и 6 месеци затвор, додека една година доби Кристина Христиќ.
Денешната пресуда е првостепена и обвинетите имаат право на жалба.