Besar Ademi
09 Мај 2019•Ажурирај: 12 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележувањето на 9 мај - Денот на Европа, Секретаријатот за европски прашања на Северна Македонија го организираше традиционалниот настан „ЕУ-појадок“, на кој присуствуваа амбасадори на земјите од Западен Балкан, поранешни вицепремиери на земјата за европски прашања, како и претставници на цивилните организации, јавува Anadolu Agency (АА).
Во рамките на овој настан, кој традиционално се организира од Секретаријатот за европски прашања, се одржа панел-дискусија на тема „Западен Балкан и европските вредности“, со учество на локални претставници и експерти од земјите од регионот.
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, пред присутните изјави дека без оглед на видот, големината и широчината на кризата, Европската Унија (ЕУ) и нејзините земји членки во текот на децениите на своето постоење отсекогаш го наоѓале патот да се консолидира и апсорбира влијанието на кризата.
„Верувам дека Европската Унија е најдоброто нешто што се случи во светот по Втората светска војна. Европа, најневралгичен континент на планетата, во текот на вековите е трансформирана во најстабилната, најпросперитетен и најбезбеден континент во светот за работа и живот“, рече Османи.
Зборувајќи за европските аспирации на неговата земја, вицепремиерот Османи истакна дека Северна Македонија ги исполнила сите ветувања кои, како што рече, најчесто биле многу емотивни и тешки одлуки, бидејќи не било лесно и сите не биле задоволни. Но, додаде тој, ова не можеше да се направи на друг начин, бидејќи немаше време да се чека уште една деценија и да се изгуби уште една генерација.
„Оваа компромисна одлука го отвори патот за членство во НАТО. Потпишувањето на Протоколот на НАТО и пристапувањето во НАТО е големо историско достигнување. Ние веруваме дека членството во НАТО е важно не само за Северна Македонија, туку и за зајакнување на безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа, како и за самата Европска Унија“, рече Османи.
На овој настан беше поканет и новоизбраниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој истакна дека неговата земја само што помина многу важен изборен процес, оценувајќи дека процесот не е важен поради тоа што тој бил избран за претседател, туку затоа што беше фер, демократски и транспарентен и придонесе за целото досие што Северна Македонија треба да го понуди за ЕУ во пресрет на Самитот на ЕУ, кој е закажан за јуни.
„Мојата клучна цел како претседател во следните пет години, секако дека ќе биде да се стремиме со сите влади да ја исполниме оваа цел за да станеме членка на ЕУ и НАТО. Но прво би сакал да бидам обединувач на нацијата која во минатото беше поделена и ќе работам со опозицијата, граѓанските организации, медиумите и со сите други кои имаат за цел еден ден земјата да биде полноправна членка на ЕУ и НАТО“, рече Пендаровски.
Инаку, Европа денес го одбележува својот ден, 9 мај, европски симбол кој заедно со заедничката валута, еврото, знамето и химната, го претставуваат политичкиот идентитет на ЕУ.
На овој ден во 1950 година, Роберт Шуман го претстави предлогот за создавање на организирана Европа како опција за одржување на мирот на континентот кој беше уништен и поделен од војни. Предлогот, познат како „Шуманова декларација“, се смета за почеток на формирањето на она што денеска претставува ЕУ.