Abdula Berisha
09 Мај 2019•Ажурирај: 10 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – По повод 4. годишнина на вооружената престрелка во Диво Насеље во Куманово, Здружението на политичките затвореници Албанци организираше протест за да го искаже револтот за тоа што тие го сметаат за „монтиран политички процес“, јавува Anadolu Agency (AA).
Десетици демонстранти се собраа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје под мотото „Стоп на дискриминацијата и двојните стандарди во судството“.
Шпетим Положани, член на Советот на роднините на политичките затвореници Албанци, рече дека не се насобрани од радост, туку поради болката што ја чувствуваат роднините за нивните блиски кои се во затвор.
„Овие припадници кои се осудени за дела со различно именување, но на кои мотивот им бил политички, ние бараме овие луѓе да се третираат како политички затвореници“, рече Положани.
Револтот против судиите и судскиот систем, демонстрантите имаа можност да го изразат пред Кривичниот суд во Скопје. Освен за кумановскиот случај, демонстрантите го изразија своето незадоволство и за други судски одлуки, барајќи при тоа, спроведување на ветингот во судството во Северна Македонија.
Потсетуваме, на 9 и 10 мај 2015 година, во Диво Населје во Куманово, вооружена група се судри со безбедносните сили на државата. За време на судирот беа убиени 8 полицајци од специјалните единици на Министерството за внатрешни работи, а 40-мина беа повредени. Во судирот, исто така, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.
Во судската постапка која следуваше, Кривичниот суд во Скопје ја изрече пресудата за 37 обвинети од вооружената група за настаните во 2015 година во кумановското Диво Насеље. Осуммина обвинети се осудени на доживотен затвор, четворица беа пуштени на слобода, додека на дел од останатите обвинети им беа изречени казни од 12 до 40 години затвор. Обвинетите беа осудени за кривичните дела „терористичко здружување“ и „тероризам“.
Шеснаесетмина од обвинетите за кривичните дела „терористичко здружување“ и „тероризам“, се државјани на Косово, еден на Албанија, еден на Германија, додека другите се државјани на Северна Македонија.