Husamedin Gina
09 Мај 2019•Ажурирај: 10 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Владата на Република Северна Македонија денеска беше одбележан и прославен 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но и 70 години од основањето на Сојузот на борците од Народно-ослободителната борба (НОБ) и 75. годишнина од Првото заседание на АСНОМ, јавува Anadolu Agency (AA).
На манифестацијата, која започна со едноминутен молк за почит кон починатите во НОБ и со интонирање на државната химна, покрај голем број членови на Сојузот на борците од НОБ, присуствуваа министри од Владата на Северна Македонија, пратеници, градоначалници, директори на институции и претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија.
Во своето обраќање на одбележувањето, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека борците од НОБ на граѓаните им подариле држава за да ја чуваат, развиваат и на светот да му ги подарарат скапоценостите на македонското културно наследство, заедништвото и културата на сите народи.
„Ние, граѓаните на Северна Македонија, ја избравме Европа и Европската унија зашто се изградени на вредностите во кои веруваме и ги практикуваме и ние. И затоа денеска имаме силни и големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите низ Европа“, нагласи Заев.
Претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОБ, Никола Стојаноски, во својот говор ја цитираше познатата мисла на нобеловецот Умберто Еко, која гласи: „Треба да бидеме будни кон фашистичките појави и да умееме да ги препознаваме.“
Тој, исто така, потсетувајќи дека на 25 и 26 мај 1948 година во Скопје бил одржан првиот Основачки конгрес на Сојузот на борците, рече дека основната цел на Сојузот била обновата и изградбата на земјата.