Husamedin Gina
09 Мај 2020•Ажурирај: 10 Мај 2020
СКОПЈЕ (АА) – Во повод 9 Мај, Денот на Европа, денеска пред платото на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, со пригодна церемонија беа кренати знамињата на Северна Македонија и на Европската Унија (ЕУ) и беше оддадена почит кон оние што ја изгубија битката со коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Оливер Спасовски, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот за здравство, Венко Филипче, и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Самуел Жбогар.
Церемонијата започна со оддавање почит кон оние што ја изгубија битката со коронавирусот. Потоа со интонирање на химните, беа кренати знамињата на Северна Македонија и на Европската Унија.
Во своето обраќање, премиерот Спасовски истакна дека денеска има голема причина да се биде дел од прославите низ Европа и да се слави големата идеја за Европа.
„Граѓаните на нашата земја го направија изборот и тие се горди на својот избор. Ја избравме иднината, иднината на Европската Унија затоа што е изградена на вредности во коишто веруваме и коишто ги практикуваме и ние“, нагласи Спасовски.
„Новиот вид коронавирус“, како што истакна премиерот, „предизвика пустош и не соочи со несогледливи предизвици, но донесе и нешто позитивно, јасно покажа дека европскиот континент има заедничка судбина.“
На крајот од своето обраќање, премиерот Спасовски во име на Владата, упатувајќи сочувство до семејствата на сите починати од Ковид-19 во Северна Македонија, Европа и во светот, оддаде признание до сите здравствени работници кои беа на првата борбена линија за да спасат животи.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Самуел Жбогар, истакна дека Денот на Европа се слави кога Европа е соочена со предизвик без преседан од што било досега искусено.
Жбогар истакна дека вирусот во предните редови ја донел солидарноста, која е една од суштинските начела на Европската Унија, и дека токму тоа, во Унијата 70 години го одржува мирот и просперитетот.
„Овие денови јас сум особено горд што сум Европеец и исто така што ја претставувам Европската Унија во вашата земја, каде што сме сведоци на Европа во нејзиното најдобро светло“, нагласи евроамбасадорот Жбогар.
Заблагодарувајќи им се на здравствените работници кои се во првите борбени редови во борбата против пандемијата, евроамбасадорот Жбогар рече дека тие се вистинските херои на времето и дека Денот на Европа им го посветува ним.
Низ Европа денес се одбележува 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, со што се означува крајот на Втората светска војна во Европа и почетокот на Европската Унија (ЕУ).