Adel Omeragic
18 Декември 2018•Ажурирај: 19 Декември 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Со состанокот на министрите за надворешни работи на Американско-јадранската повелба (А5) во Подгорица, денес заврши претседавањето на Црна Гора со оваа иницијатива. Следната година, со Американско-јадранската повелба ќе претседава Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот во Подгорица се сумирани резултатите од работата во претходните 12 месеци, но беа претставени и плановите на Албанија наредната година, во текот на која ќе претседава со оваа иницијатива.
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, истакна дека на состанокот е констатирано дека годината што изминува внела нова енергија во европските и евроатлантските перспективи на регионот.
„Во текот на претседавањето со Повелбата, Црна Гора беше инспирирана во промовирањето на евроатлантските аспирации на државите од регионот и во активната улога кон спроведувањето на реформите и исполнувањето на критериумите за нивно членство во НАТО, со посебен фокус на Македонија и Босна и Херцеговина. Еден од најважните настани во текот на црногорското претседавање со Повелбата беше повикот кон Македонија да започне преговори за приклучување кон НАТО на Самитот во јули“, рече Дармановиќ.
Тој истакна дека се продолжува со следењето на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, кој мора да биде приоритет за сите страни, под покровителство на ЕУ.
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, рече дека во 2019 година, кога Албанија ќе претседава со иницијативата А5, ќе има три приоритети.
„За нас е важно да се задржи ангажирањето на САД во овој регион. Пред сѐ, инвестициите на САД, кога станува збор за овој регион, поврзани со безбедноста на Југоисточна Европа, се дел од нашата платформа А5 и се од непроценлива важност. Мора да продолжиме со соработката во областите кои се поврзани со безбедноста во нашето опкружување, а во исто време мораме да се погрижиме да отвораме нови начини за соработка со земјите во регионот кои сакаат да се приклучат кон иницијативата“, рече Бушати.