Husameddin Gina
18 Декември 2018•Ажурирај: 19 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска во Скопје беа официјално номинирани за Нобеловата награда за мир за 2018, за Договорот од Преспа, јавува Anadolu Agency (AA).
Номинирањето на Заев и Ципрас до Нобеловиот комитет ќе го достави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Видед Бушамауи од Тунис.
Бушамауи на денешната церемонија истакна дека номинирањето на Заев и Ципрас се признание за сите граѓани на Македонија и Грција.
„Почестена сум што ги номинирам Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нобеловата награда за мир. Ова не е признание само за нив, туку за сите граѓани на Македонија и Грција. Договорот од Преспа е пример и порака за сите како со дијалог може да се реши сѐ“, нагласи Бушамауи.
За значењето на Договорот од Преспа и за двајцата лидери, Заев и Ципрас, говореше Нано Ружин, ректорот на Универзитетот ФОН.
„Од ова место, промовираме двајца државници, двајца балканци, двајца лидери, двајца хуманисти и демократи, двајца обични, но големи луѓе кои отстапуваат од балканскиот стереотип на политичар. Еден ден и историјата и народите на Балканот ќе ги признаат како значајни историски личности“, истакна Нано Ружин.
На церемонијата во ФОН присуствуваше и европратеникот Стелиос Колуглу од редовите на грчката партија Сириза, кој даде поддршка за оваа номинација.
„Договорот кој го постигнаа Заев и Ципрас е единствената добра вест која доаѓа од Европа во овие времиња. Тие ги оставија партиите настрана и склучија договор кој решава многу прашања“, рече Кологлу.
По денешната церемонија во Скопје, на 19 декември, Бушамауи, Нано Ружин, Сефер Цаноски и Стелиос Кулоглу заминуваат во Атина, каде што ќе се сретнат и со грчкиот премиер Алексис Ципрас, за официјално да му ја соопштат иницијативата.
Македонската и грчката влада предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, во јуни оваа година, во грчкиот дел на Преспа го потпишаа Договорот за решавање на долгогодишниот спор за името помеѓу овие две земји, кој треба да биде ратификуван во парламентите на двете земји. Договорот предвидува промена на официјалното име на Република Македонија во Република Северна Македонија.