Samir Kajosevic
20 Декември 2019•Ажурирај: 22 Декември 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Советот за одбрана и безбедност на Црна Гора донесе одлука за ангажирање на припадници на војската во заштитата на државната граница од илегалните мигранти, јавува Агенција Анадолија (AA).
На денешната седница, со која претседаваше претседателот на државата, Мило Ѓукановиќ, одлучено е припадници на војската да ѝ помагаат на црногорската полиција во чувањето на границата.
„На седницата е разгледан предлогот и донесена е одлука за ангажирање на припадници на војската на Црна Гора заради поддршка на органот на управата надлежен за полициски работи во заштитата на државната граница од илегални мигранти до крајот на 2020 година“, се вели од Кабинетот на Ѓукановиќ.
На седницата, како што беше истакнато, донесена е и одлука за учество на припадници на војската на Црна Гора на меѓународните вежби во 2020 година. Се наведува дека припадниците на црногорската Армија ќе учествуваат на седум меѓународни вежби и дека тоа е дел од обврските на Црна Гора како земја членка на НАТО, и потреба на Армијата за обука.
На седницата, освен претседателот Ѓукановиќ присуствуваа претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ, премиерот Душко Марковиќ, министерот за одбрана, Предраг Бошковиќ, црногорскиот министер за надворешни работи, Срѓан Дармановиќ и началникот на Генералштабот на Армијата на Црна Гора, бригадниот генерал Драгутин Дакиќ.