Ivana Ramadanova
10 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Црвениот крст на Град Скопје, денеска во Пунктот за бездомници – Момин Поток беше одбележан Светскиот ден на бездомништвото, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст во Скопје, институциите како пунктот во Момин Поток треба да постојат и да функционираат токму поради маргинализираните лица кои поради различни причини стануваат бездомници.
„Светскиот ден на бездомништвото се одбележува секоја година на 10 октомври, а целта е да се подигне свеста за проблемот, кој е во подем. На територијата на Скопје има 180 бездомни лица, според базата на податоци на Црвениот крст. На дневна основа, услугите на Пунктот за бездомни лица во Момин Поток ги користат 50 лица, кои редовно го посетуваат секој петок и има за цел да овозможи тие да ги остварат основните човекови права и да се реинтегрираат во општеството“.

Тунева додава дека бездомниците во пунктот можат да ги користат услугите за одржување на хигиената, а со нив работи и тим од доктор, психолог и социјален работник. Тие исто така добиваат и облека, храна и други материјални добра.
„Пунктот има посебна програма во зимскиот период. Подготовките за зимскиот период се завршени и има дополнителни 20 кревети во однос на минатата година. Вкупно има 40 легла, а ако има поголем број лица кои бараат сместување, се отвораат и дополнителните интернати или се наоѓаат алтернативни решенија“, рече Тунева Пауновска.
Правото на соодветно домување, односно животен стандард, е пропишано со Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, со членот 11 во којшто е наведено дека државите – страни на овој пакт на секое лице му го признаваат правото на животен стандард, доволен за самиот него и за неговото семејство, вработување, како и постојаното подобрување на неговите животни услови.
Државите – страни на Пактот ќе преземат соодветни мерки заради обезбедување на остварувањето на ова право и за таа цел, тие го признаваат суштественото значење на слободно избраната меѓународна соработка. Овој пакт беше ратификуван од страна на Македонија во 1994 година.
Според процените на Обединетите нации, во светот има повеќе од 100 милиони бездомни лица, додека една милијарда луѓе живеат во несоодветни живеалишта.