Stipe Mayiç
17 Јули 2017•Ажурирај: 18 Јули 2017
ЗАГРЕБ (AA) - Пожарите што во текот на ноќта избувнаа во местата недалеку од Сплит сѐ уште не се ставени под контрола. Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, им се заблагодари на сите што се ангажирани во гасењето, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој им се заблагодари на сите пожарникари и на луѓето вклучени во одбрана на населбите. Хрватскиот премиер упати благодарност и до Министерството за внатрешни работи, како и Министерството за одбрана, кое е подготвено во полн капацитет и состојба на готовс држи голем број припадници на вооружените сили.
Пожарот што синоќа по полноќ избувна во местото Тугара, во близина на Сплит, од каде што се прошири на околните места и на ридот Мосор, засилен е од силната бура, така што претставува проблем за многубројните припадници на жупаниските противпожарни екипи.
Во Срињине, Горно Ситно и Долно Ситно, пожарот стаса до населбата, каде што изгореа старите куќи, а огнот му се заканува и на Звијездано село Мосор. Горат ниските површини, тревата, боровата шума, за што придонесуваат високите температури и силната бура, па пожарот сѐ уште не е ставен под контрола и покрај анганжманот на големиот број пожарникари и противпожарна опрема.
Местото Долно Ситно сосема остана без шума, но и без неколку објекти, а огнот се шири кон Жрновица.
Поради силната бура, во гасењето сѐ уште не се вклучија канадерите, кои се во состојба на готовс доколку се намали силниот ветер.
Покрај повеќе стотици жупаниски пожарникари, на теренот се и лекарски екипи кои им укажуваат помош на локалните жители и на пожарникарите.
Во текот на викендот, во Сплитско-далматинската жупанија избувнаа неколку пожари кои опустошија околу 230 хектари шума.
Засега нема вести за смртно настрадани во пожарите, но медицинските екипи во повеќе наврати им укажаа помош на жителите од опожарените места и на пожарникарите, поради чадот и високите температури.