Almir Terzic
10 Август 2017•Ажурирај: 11 Август 2017
САРАЕВО (АА) - Министерството за земјоделство на Хрватска го измени Правилникот за инспекциска контрола на усогласеноста на овошјето и зеленчукот со пазарните стандарди, јавува Anadolu Agency (AA).
Измената се однесува на надоместот за контрола на усогласеноста на овошјето и зеленчукот со пазарните стандарди и изнесува 90 куни (12 евра) за секој вид на овошје и зеленчук во рамките на контролата која ја спроведуваат земјоделската и фитосанитарната инспекција. Правилникот ќе биде објавен утре, 11 август, во Службен весник.
„Со соседните држави е договорено од петок целосно да се нормализираат контролите на границите. Исто така, ќе се анализираат цените за инспекциски надзор во околината со цел да ја осигураме заштитата на потрошувачите и на конкурентната положба на земјоделците на начин кој нема да влијае на трговската размена“, се наведува од страна на хрватското Министерство за земјоделство.
Од таму истакнуваат дека наскоро се очекува и состанок на тема употреба на агрохемиски средства кои немаат одобрение за употреба во Европската Унија, со цел земјоделците од соседните земји што подобро и побрзо ќе се прилагодат на правилата на ЕУ.
„Заштитата на потрошувачите ќе биде приоритет на Министерството за земјоделство, а инспекцискиот надзор на овошјето и на зеленчукот ќе се спроведува со ист интензитет. Секоја пратка овошје и зеленчук која ќе се увезе во Хрватска мора и понатаму да биде во согласност со општите пазарни стадарди - да биде неоштетена, здрава, чиста, непрезреана и правилно означена, а состојбата на плодовите мора да биде таква да го издржи превозот, со цел на одредиштето да пристигне во задоволувачка состојба: без штетници, лош мирис или влага“, се нагласува од Министерството за земјоделство на Хрватска.
Министерството нагласува дека како и досега, интензивно ќе работи на мерките за обезбедување на квалитетот и обезбедување на здравствено исправна храна која се продава во продавниците во Хрватска.