ЗАГРЕБ (АА)
Со пристапот во членството на Европската Унија во 2013 година Хрватска се обврза да ги исполни критериумите за воведување на еврото и влез во шенгенскиот простор, што по повеќегодишни подготовки и евалуација на критериумите од страна на надлежните европски тела е реализирано, така што на полноќ, штом помине тековната 2022 година, Хрватска службено ќе биде членка на еврозоната и Шенген, известува Агенција Анадолија (АА).
Неколку минути по полноќ, на 1 јануари 2023 година, гувернерот на Хрватската народна банка (ХНБ), Борис Вујичиќ, и министерот за финансии, Марко Приморац, на банкоматот во близина на ХНБ ќе ги подигнат првите евра за да го означат симболично влегувањето на Хрватска во еврозоната.
Утрото на 1 јануари претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и Андреј Пленковиќ ќе заминат на Граничниот премин „Брегана“, каде што ќе ги пречека претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар. Потоа Фон дел Лајен и Пленковиќ на Плоштадот „Бан Јелачиќ“ ќе се напијат кафе и ќе платат во евра за да го одбележат симболично влегувањето на Хрватска во шенгенскиот простор и еврозоната.
Станува збор за две клучни надворешнополитички цели што ѝ преостанаа на Хрватска по влегувањето во НАТО-алијансата и Европската Унија, додека како неостварена цел често се споменува хрватското членство во Организацијата за економска соработка и развој (OECD).
Од 1 јануари 2023 година Хрватска станува 20. држава членка на Европската Унија која влегува во еврозоната и својата национална валута куна ја заменува со евро.
Хрватска веќе многу ја „евроизираше“ економијата бидејќи повеќе од половината домашни заштеди и кредити се во евра, а повеќе од две третини од економската размена и бројот на туристи потекнуваат од еврозоната.
Замената на куната со евро е процес што технички започна со истакнување на двојни цени кои станаа задолжителни во речиси сите продажни места, а кои голем број трговци ги воведоа и пред пропишаниот рок, 5 септември. Еврото службено ќе стане хрватска валута на полноќ на 1 јануари 2023 година, со тоа што до 14 јануари граѓаните сѐ уште ќе можат да плаќаат во куни, додека кусурот ќе им биде враќан во евра, а само во исклучителни случаи во куни. Се очекува малопродажните ланци да бидат меѓу главните места за конверзија на преостанатите куни во евра, а за замена на куните интензивно се подготвуваат и малите трговци.
Одреден е фиксниот курс на конверзија од 7,53450 куни за едно евро, по кој сите заштеди на тековните и жиро-сметки во куни на граѓаните и деловните субјекти од 1 јануари во сите банки автоматски ќе бидат претворени во евра по споменатиот фиксен курс.
Техничкиот премин кон еврото е многу изискателен процес од многу аспекти, така што од 15 декември поради репрограмирањето околу 2.700 од вкупно 4.000 банкомати на подрачјето на Хрватска не се во функција поради нивното приспособување на евро-банкнотите. Од 1 јануари надвор од функција, поради приспособувањето кон евро, ќе бидат преостанатите 1.300 банкомати, така што од 15 декември до 15 јануари подигањето на готовина на сите банкомати за граѓаните ќе биде без надомест, дури и да станува збор за банкомат на друга банка. Банките ги предупредија граѓаните дека банкоматите главно ќе бидат надвор од функција околу полноќ во новогодишната ноќ и да се погрижат за готовина.
Критичарите на воведувањето на еврото, главно политичката крајна левица и десница, предупредуваат дека гаснењето на куната е погубно за монетарниот суверенитет и делата на хрватскиот идентитет, но и можност трговците да ги зголемат цените. Но инфлаторните притисоци поради воведувањето на еврото се минорни, меѓу 0,2 и 0,4 отсто, истакнуваат од Министерството за финансии на Хрватска.
За воведување на еврото на Хрватска ѝ беа потребни широки реформи кои опфатија управување со јавните компании, сузбивање на перењето пари, макроекономски критериуми и др.
Од Хрватската народна банка порачуваат дека со влегувањето на Хрватска во еврозоната, граѓаните и претприемачите ќе имаат конкретни, директни и трајни придобивки, така што ќе исчезна ризикот на валутата, а Хрватска ќе биде инвестициски поатрактивна и побезбедна во времиња на кризи.
Досега се исковани повеќе од 400 милијарди хрватски евро-монети, што е над 96 отсто од планираното, а во продажба се евро-пакети со банкноти и монети за граѓаните, за кои се подготвени 1,2 милиони, а досега се продадени повеќе од 680.000.
Замена на куната за евро ќе биде можна во банките, филијалите на Финансиската агенција и Хрватската пошта во текот на 12 месеци од датумот на воведувањето на еврото. Граѓаните ќе можат без надомест да заменат 100 банкноти куни и 100 монети куни по трансакција. По наведените 12 месеци, замената на куната во евра ќе се врши во Хрватската народна банка без надомест.
Хрватска на почетокот на декември оваа година доби едногласна поддршка од сите земји членки на ЕУ за влез во Шенген од 1 јануари 2023 година, со што шенгенското подрачје се проширува за првпат по повеќе од десетлетие.
Министрите за надворешни работи на Европската Унија службено прифатија Хрватска да се приклучи на шенгенскиот простор, додека блокирани се Бугарија и Романија, кои исто така беа кандидати.
Со влезот во Шенген-зоната се укинува граничната контрола меѓу Хрватска и останатите ЕУ-членки на Шенген, вклучувајќи ги Словенија и Унгарија, со цел овозможување на слободно движење на луѓето и стоката. На надворешните граници на Хрватска, на границите со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, граничната контрола останува иста.
На тој начин Хрватска стана 27. земја членка на Шенген-зоната и од 1 јануари 2023 година се укинуваат граничните контроли на копнените и поморските гранични премини, а од пролет на 26 март и на аеродромите.
Пристапувањето на Република Хрватска во Шенген-зоната беше долготраен процес за чие време Хрватска мораше да исполни 281 критериум. Техничките критериуми значат дека Хрватска, со помош на ЕУ-фондовите, би требало да ги финансира, изгради и опреми граничните премини и останатата инфраструктура за потребите на полицијата во согласност со европските критериуми, да набави техничка опрема за надзор на границите, да вложува во информатичките системи, да влезе во Шенгенскиот информациски систем, да воспостави систем на визи итн.
Со влегувањето во Шенген, се укинуваат 73 гранични премини, од кои 12 на море. Најмногу премини што се укинуваат се на границата со Унгарија и Словенија. Хрватска станува земја со најдолга копнена граница, долга 1.300 километри во рамките на Шенген, со тоа што најголемиот дел од надворешните граници се оние со Босна и Херцеговина.
Мигрантската криза и терористичката закана се најголем предизвик за функционирање на шенгенскиот простор. Најмногу критики кон Хрватска се упатени од страна на невладините организации кои се занимаваат со прифаќање на мигрантите, кои ѝ замеруваат на хрватската полиција за нејзината бруталност и претепување на мигрантите кои се обидуваат илегално, најчесто од БиХ, да влезат во Хрватска. Се смета дека полицијата не ги спроведува законите на ЕУ и ги крши овластувањата во постапките.
Претседателот Андреј Пленковиќ во повеќе наврати порача дека не сака бодликави жици на границата со БиХ, туку со засилување на полициската соработка да се спречи илегалната миграција.
Шенген-зоната, заедно со Хрватска, зафаќа територии на 27 европски земји кои го усвоија Шенгенскиот договор потпишан во 1985 година во градот Шенген во Луксембург, од кои 23 се земји членки на ЕУ и четири земји кои не се членки, а тоа се Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн. Шенгенскиот простор главно функционира како подрачје на една држава со традиционална контрола за оние кои влегуваат и излегуваат од тоа подрачје, но без внатрешни гранични контроли меѓу земјите членки.
news_share_descriptionsubscription_contact
