Stipe Majic
18 Јуни 2018•Ажурирај: 19 Јуни 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Околу 1 часот по полноќ запре влечењето на трговскиот брод „Хакса“ кој го напуштија петте преостанати членови на екипажот. На теренот има нуркачи и пожарникари кои ја санираат пукнатината, со цел да се продолжи влечењето на бродот кон Трогир, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако вчера е најавено дека турскиот трговски брод „Хакса“ од архипелагот острови Јабука со реморкер во текот на ноќта ќе се транспортира до бродоградилиште во Трогир, тоа не се случи, бидејќи продолжило навлегувањето вода во бродот.
Капетанот на пристаништето, Давор Видан, од Сплитската капетанија соопшти дека дошло до компликации во текот на ноќта и дека останатите пет членови на екипажот, капетанот и четворицата офицери, го напуштиле бродот. Осум морнари го напуштија бродот вчера, а во Сплит подоцна им се придружија офицерите и капетанот.
На бродот се ангажирани пожарникари од Сплит и Шибеник и нуркачи кои работат на санирање на пукнатината и продирањето на вода.
Бродот се наоѓа на околу 12 милји северозападно од островот Дрвеник, а влечењето до Трогир е сопрено околу 1 часот по полноќ, сè додека службите на терен не го запрат навлегувањето на водата.
Од Капетанијата во Сплит сметаат дека причина за хаваријата на трговскиот брод не може да биде само староста на бродот, кој е изграден во 1993 година, туку и неодржувањето на бродот, односно немарноста и негрижата на бродосопствениците и посадата.
Осумте членови на екипажот на „Хакса“ кои пристигнаа во Сплит, според напатствијата на бродосопствениците, не даваат изјави за медиумите.
Бродот превезува 3.000 тони магнезит, кој се смета за релативно неопасна руда. На бродот се наоѓаат и 70 тони нафта во резервоарите на бродот, која полека и долго би истекувала доколку бродот потоне.
„Додека постои продор на вода, постои и опасност од тонење“, порачуваат од Капетанијата во Сплит, поради што се испратени пожарникари кои ја испумпуваат водата, а нуркачите се обидуваат да ја затворат пукнатината.