ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ, и претседателот на украинската Врховна рада, Руслан Стефанчук, во Загреб го отворија Првиот парламентарен самит на Кримската платформа, овогодинешниот најголем состанок во живо на претседателите на парламентите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јандроковиќ и Стефанчук ги пречекаа шефовите на делегациите на Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа во аулата на Националната и универзитетска библиотека во Загреб.
Гордан Јандроковиќ, претседателот на Хрватскиот сабор, рече дека Хрватска е горда што успеала да го организира овој самит заедно со Украина во Загреб.
„Силата и постојаноста на украинскиот народ денес во светот се предмет на восхит“, рече Јандроковиќ, додавајќи дека духот на украинскиот народ силно го потсетил на духот на хрватскиот народ од пред триесет години.
Тој истакна дека не треба да е за чудење посебниот хрватски сензибилитет за украинската борба, ниту нивната желба да помогнат, хуманитарно, финансиски, технички, политички и во секоја друга смисла.
„Денешната меѓународна положба на Република Хрватска јасно покажува дека и по најтешките страдања може да се чекори силно напред“, изјави Јандроковиќ.
Потсети дека руските постапки доведоа до тоа две земји да поднесат барање за членство во НАТО, и дека никој не треба да има дилеми на која страна да застане во овој конфликт.
Тој смета дека Русија покажува знаци на очај, и дека целиот свет го следи херојството на украинскиот народ.
„Немојте да попуштиме во помагањето на Украина до конечната победа“, порача Јандроковиќ.
Претседателот на украинскиот Парламент, Руслан Стефанчук, го изрази своето задоволство што е во Загреб со украинската делегација.
„Ние го следиме вашиот пат, драги учесници. Голема е застапеноста на Украина на овој собир. Иницијативата што ја започна претседателот Зеленски е општоприфатена и се шири географски. Вие парламентарците ја прифативте парламентарната димензија. Патот на парламентарната платформа, не само во смисла на Украина, туку и меѓународно, се безбедносните цели, а тоа е деокупација на полуостровот Крим и негово враќање под украински интегритет“, рече Стефанчук.
Тој истакна дека Украина минува низ најлошите времиња во својата историја и изрази уверување дека неговиот народ на крајот ќе успее.
„Оваа платформа говори за враќање на Крим на Украина. Ние не зборуваме само за окупираната територија туку зборуваме за тоа што ќе се случи потоа. Врховната рада на Украина работи на успешна реинтеграција на тие области по војната. Да се демилитаризира полуостровот, да се оневозможи понатамошниот развој на сè. Имаме визија за која се неопходни чекори. Верувам дека во иднина ќе го реализираме тој план. Украина сака мир“, порача Стефанчук.
Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, ја изрази силната поддршка на Хрватска за Украина.
Како што рече, конференцијата се одржува додека траат бруталните напади на дронови самоубијци врз Украина, со цел да се предизвика што поголема штета пред зимата.
„Украинскиот народ покажа дека е силен и цврст, дека нема да дозволи да биде нападнат неговиот идентитет, кога му се лепат етикети за нацификација, туку покажа одлучност да се бори за својата слобода и за својот територијален интегритет“, рече Пленковиќ.
Тој истакна дека од Загреб сака да испратат три пораки:
„Нашата прва порака е јасно да кажеме дека Крим е Украина, дека Доњецк и Луганск се Украина. Втората порака е вие како парламентарци да дадете поддршка на вашите колеги во Врховната рада, кои континуирано работат под напади, ја водат земјата во толку тешки околности кон европската иднина. Трето, се собравме за да му дадеме силна порака на светскиот поредок кој е втемелен на меѓународното право, на принципите на глобалното владеење.“
Пленковиќ смета дека да се биде на страната на Украина е морален и правен чин, додека спротивното значи да се биде против сите демократски начела.
„Затоа, драги пријатели, ние во Хрватска, кои знаеме што е агресија, што е сила, и тоа како ја цениме украинската борба за слобода. Драго ни е што Европа и светот не ги повторија грешките од пред 30 години кога ние како земја немавме ваква поддршка“, рече Пленковиќ.
На крајот, тој истакна дека „храбрите Украинци се морални победници“ и го поздрави напредокот што го остварија во изминатите месеци.
На Самитот, прв со физичко присуство од почетокот на пандемијата на коронавирусот, присуствуваат многу претседатели на парламенти на земјите потписнички на Кримската платформа, како и на други парламенти.