Zülfiya Yakup
17 Ноември 2017•Ажурирај: 18 Ноември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, денес во Брисел се состана со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, со која разговараше за европскиот пат и перспектива на Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Харадинај нагласи дека со динамиката утврдена од страна на новата Влада, забрзан е процесот за исполнување на европската реформска агенда и критериумите утврдени со Договорот за стабилизација и придружување“, соопштено е од Владата на Косово.
„Тој изјави дека Косово е посветено и дека работи на реформите во областа на владеењето на правото, економскиот развој, образованието и здравството и има за цел сѐ до крајот на 2018 година да добие статус на земја-кандидат за членство во ЕУ.
Премиерот изјави дека европската перспектива на Косово треба да биде јасна и отворена и ја нагласи важноста на заклучокот за процесот на либерализација на визите со ЕУ. Тој изјави дека Косово е последна и единствена земја во Европа без слобода на движење, и забрзувањето на овој процес би им помогнало на граѓаните и на земјата.
Харадинај изјави дека Косово ги исполнило своите обврски во овој процес, а преостанатиот критерум што се однесува на договорот за демаркација на границата со Црна Гора е започнат со почетокот на работата на новата Државна комисија. Тој изјави дека ќе се анализираат наодите на таа комисија што ќе бидат во завршниот извештај и потоа ќе се процесуираат понатаму.
Косовскиот премиер изјави дека зачленувањето на Косово во сите меѓународни организации треба да биде без попречување. Тој нагласи дека Косово е фактор на стабилност и дека земјата покажува посветеност на изградбата на добри односи со соседите, вклучувајќи ја и Србија, со којашто води дијалог за нормализација на односите.
Премиерот Харадинај истакна дека во овој дијалог е потребен нов формат, одредени рокови за да се заврши со конкретен резултат, заемно признавање меѓу двете држави.
На состанокот со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, беа присутни и заменик-премиерот и министерот за надворешни работи, Беџет Пацоли и министерката за европски интеграции Дурата Хоџа.