Senada Ibraimova
09 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Еврокомесарот Јоханес Хан на прес-конференција по состанокот на министрите за енергетика од западен балкан, порача дека нема да дава совети на ниту една партија, но истакна дека секој од политичарите треба да преземе одговорност, јавува Anadolu Agency (AA).
Хан во врска со политичката состојба во државата, пред средбите кои се планирани со политичките лидери попладнево рече дека државата има остварено напредок, но како што рече, колку поскоро ќе се формира влада, толку подобро за граѓаните и за државата.
„Следниот чекор е да се формира нова влада во најкраток можен рок. Има многу предизвици, економски, безбедносни, како и опции и можности за соработка со регионот. Мислам дека е важно, новата влада да биде изградена на широки и цврсти темели и исто така, да ја следи европската перспектива. Искрено, ние нема да дадеме совет на ниту една партија како да продолжи понатаму, но, секој треба да биде свесен за неговата одговорност. Сега е време да се грижат за интересите на државата“, истакна еврокомесарот Хан.
Тој додаде дека, интересот на мнозинството граѓани во врска со Европската Унија е јасен и дека тоа значи многу предизвици и одлуки, но, според него целта е да се подобрат условите за живот во државата, за да има подобри перспективи.
- Попоски: „Дачиќ е свесен дека доаѓа во Република Македонија“
Министерот за надворешни работи, Никола Поповски, во однос на одлуките за тоа што ќе се случува понатаму на внатрешната политичка сцена во Македонија, рече дека, за тоа имаат мандат само оние кои се избрани од граѓаните. Според него, избраните пратеници во Собранието имаат заедничка цел, а тоа се евроинтеграциите.
Во врска со посетата на министерот за надворешни работи на Србија , Ивица Дачиќ, рече дека, како и сите други што доаѓаат од Србија, така и тој е свесен дека доаѓа во Република Македонија. Тој пренесе оти, Дачиќ не дал објаснување за неговата неодамнешна изјава во врска името.
„Ние имаме разбирање за тоа дека е исклучително чувствително и емотивно прашањето околу членството на Косово во УНЕСКО, но одлучени сме да одиме по патот на регионална соработка, да наоѓаме решенија за сите тие прашања во регионален домен“, рече Попоски.