Admir Fazlagic
22 Март 2016•Ажурирај: 22 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Терористичките напади во престолнината на Белгија беа во фокусот на разговорите на средбата помеѓу МНР Никола Попоски и Амбасадорот на Кралството Белгија во Република Македонија Аник Ван Калстер, на која МНР Попоски изрази длабоко сочувство за семејствата на сите погинати и повредени во терористичките напади во Брисел и најостро ги осуди нападите, соопштија од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
"По терористичките напади во Брисел, на аеродромот Завентем и метрото во Брисел и воведувањето на највисокото ниво на безбедност ниво 4 на целата територија на Белгија, специјални мерки се воведени на сите железнички станици во Брисел и Белгија, метроата, пристаништата, аеродромите, нуклеарните централи и на сите други стратешки места. Сите македонски дипломати кои работат на територијата на Кралството Белгија се безбедни а сите Дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија во Белгија и покрај зголемените безбедносни мерки и рестрикции работат непречено. Согласно досегашните информации на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, нема загинати и повредени македонски државјани" , стои во соопштението од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Покрај терористичките напади во Брисел, во фокус на разговорите помеѓу Попоски и Калстер беа и меѓусебната соработка, евроинтегративниот процес на Република Македонија и мигрантско-бегалската криза.
Исто така, Министерството за надворешни работи и преку својата официјална веб страница на министерството ги осуди денешните терористички напади во Брисел.
"Министерството за надворешни работи на Република Македонија изразува длабоко сочувство за семејствата на сите загинати и повредени во терористичките напади во Белгија", пишува на веб страницата на министерството.