Bekim Laci
12 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, истакна дека дошло време Македонија да стане членка на НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Фого, кој престојува во официјална посета на Македонија, беше пречекан на средба од страна на министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, а на заедничката прес-конференција по оваа средба нагласи дека неговата прва посета била во 2004 година, кога нивната визија била Македонија во НАТО.
„Верувам дека дојде тоа време. Изутрина бев пречекан од страна на министерката Шекеринска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски. НАТО високо го цени вашиот напредок и се надеваме во блиска иднина да ви посакаме добре дојде како 30. сојузник на НАТО“, рече Фого.
Тој истакна дека канцеларијата на НАТО која се наоѓа во Скопје ќе продолжи со блиска соработка со властите во земјата од аспект на давање совети за полноправно членство во Алијансата.
Министерката за одбрана на Македонија, Шекеринска, рече дека посетата на адмиралот Фого дошла во момент кога Македонија ги врши последните подготовки за реализирање на стратешката цел, која е членството во НАТО.
Шекеринска нагласи дека земјата има една долга и плодна соработка со командата во Неапол во бројни области.
„Како на одговорна команда за силите на НАТО за Косово, КФОР, можам да порачам дека Македонија со истата посветеност како и досега ќе продолжи да ја дава сета поддршка. Како и на нашиот состанок, и тука ќе ја потврдам нашата подготвеност да започнеме и со оперативна поддршка на силите на КФОР со штабни офицери од АРМ. Тоа го гледаме како шанса за придонес кон НАТО и како шанса да ја збогатиме нашата регионална соработка“, рече министерката Шекеринска по средбата", рече Шекеринска.
Додаде дека Македонија го продолжува и го засилува, своето присуство и учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, бидејќи, како што рече, цврсто веруваат во вредностите на Алијансата, а тоа е дека мирот, стабилноста и безбедноста во светот, влијаат позитивно на секоја земја, на Македонија, на Европа.
Министерката Шекеринска го информираше адмиралот Фого за реформите што ги направи земјата, уверувајќи го адмиралот на НАТО дека ги финализираат обврските од Договорот со Грција и дека на почетокот на 2019 година Македонија ќе биде на иста маса со нејзините сојузници во НАТО.