Балкан, Коронавирус

Филипче: „Во Скопје се подигнува монтажна болница со капацитет до 130 болнички кревети"

Министерот за здравство Филипче соопшти дека се подигнува монтажна болница со капацитет до 130 болнички кревети до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, во рамки на мерките преземени против коронавирусот

Furkan Abdula  | 28.03.2020 - Обновена : 28.03.2020
Филипче: „Во Скопје се подигнува монтажна болница со капацитет до 130 болнички кревети"

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче соопшти дека се подигнува монтажна болница со капацитет до 130 болнички кревети до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, во рамки на мерките преземени против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агеција Анадолија (АА).

Филипче оваа информација ја потврди преку социјалните мрежи.

Тој нагласи дека со оваа болница клиниката се штити од преоптовареност, а според него даваат можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита на населението од коронавирус.

„Деновиве се спроведе вистинска акција со големи човечки напори и одлична меѓуинституционална соработка. Голема благодарност до сите што учествуваа во овој процес!“, нагласи Филипче.

Според него, со помош на Армијата и нејзината механизација, екипите на Јавното претпријатие „Улици и патишта“ и инженерите од Проектната единица при Министерството за здравство во рекорден рок го подготвиле теренот и овозможиле пристап до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за брзо справување со коронавирусот.

Во Северна Македонија се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирусот изнесува 219 лица.

Досега во земјата од коронавирусот се потврдени три смртни случаи.

Потсетуваме, од 22 март, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21 до 05 часот.

Исто така, Владата на Северна Македонија донесе одлука за измени и дополнувања на забраната за движење на целата територија на Република Северна Македонија за време на деновите на викендите. Одлуката се однесува на забрана за движење во деновите на викендот, односно сабота и недела, од 16:00 часот до 05:00 часот наутро.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.