Fatjon Cuka
17 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
ТИРАНА (АА) ‒ Уставниот суд на Албанија ја поништи одлуката на албанскиот Парламент за разрешување на претседателот на Републиката, Илир Мета, поради „сериозно кршење на Уставот“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Уставниот суд на Албанија денеска соопшти дека врз основа на прикажаните факти судот утврдил дека во овој предмет не постои кршење на Уставот.
Судот понатаму нагласува дека спорните факти кои се однесуваат на правата во изборниот процес не претставуваат сериозно кршење на Уставот.
„Фактите кои се однесуваат на односите со стратешките партнери не претставуваат кршење на Уставот. Фактите претставени како повреди на независноста на јавните органи не претставуваат кршење на Уставот. Фактите претставени како нарушување на јавниот ред и безбедност не претставуваат кршење на Уставот“, се наведува во соопштението.
Уставниот суд на Албанија во наредниот период ќе објави целосно образложена одлука.
Потсетуваме, албанскиот Парламент на 9 јуни 2021 година, на барање на владејачката Социјалистичка партија на Албанија, изгласа смена на претседателот Илир Мета, со образложение дека пред и во текот на предизборната компанија за парламентарните избори на 25 април, извршил дејства кои се во спротивност со Уставот.
„Едностраните или неурамнотежени ставови на претседателот, особено оние кои поттикнуваат насилство, губење на неутралната улога на лидерот на државата, која не треба да е вклучена во дневнополитичките игри, туку треба да е над страните и да обезбеди демократско функционирање на институциите ‒ сѐ се тоа работи поради кои претседателот ги изгубил атрибутите на лидер на државата и претставник на единството на народот“, се наведува во извештајот на Парламентарната истражна комисија.
Уставниот суд на Албанија на 7 февруари ја одржа последната пленарна седница за разгледување на одлуката на Собранието, на која страните вклучени во процесот ги изнесоа своите тврдења и аргументи.
Албанскиот Парламент го избра Илир Мета на 28 април 2017 година за претседател на државата на петгодишен мандат, додека мандатот според Уставот му престанува во јули 2022 година.