Furkan Abdula
17 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) ‒ Високи претставници на Северна Македонија упатија честитки по повод Денот на независноста на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, честитката ја упати преку својот официјален твитер-профил.
„На претседателката на Косово, Вјоса Османи, и на граѓаните на Косово им го честитам Денот на независноста со желби за успех, просперитет и благосостојба“, напиша тој.
„Преку натамошен развој на пријателството и добрососедските односи ја исполнуваме заедничката визија за стабилен регион и членство во ЕУ“, додаде Пендаровски.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на социјалните мрежи објави видеочеститка по овој повод.
„Од срце сакам да ви го честитам Денот на независноста на Косово, кој е важен датум не само за граѓаните на Косово, туку и за целиот регион“, рече Османи во видеопораката.
Османи истакна дека Северна Македонија и Косово имаат одлични односи, искрено и долгорочно пријателство базирано на длабоките врски меѓу граѓаните на двете земји.
„Како политичари, наша должност е и понатаму да ја култивираме меѓусебната соработка за која сум повеќе од сигурен дека ќе продолжи со истото темпо и во иднина“, нагласи тој.
„Како два блиски соседи, нѐ очекува заедничка иднина исполнувајќи ги стратешките евроатлантски интереси на двете земји преку кои ќе ги зацврстиме стабилноста и долгорочниот просперитет за двете земји и регионот“, додаде Османи.