Admir Fazlagic
07 Август 2018•Ажурирај: 07 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) испрати писмена реакција до претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и министерот за надворешни работи Никола Димитров во врска со назначувањето на Ѓерѓ Дедај за амбасадор на Косово во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Партијата за Движење на Турците во Македонија, како и целата турска јавност во Република Македонија, но и пошироко, со голема доза на разочараност и огорченост ја примивме веста дека новиот амбасадор на Р. Косово во Р. Македонија ќе биде токму лицето Ѓерѓ Дедај, кој претходно додека ја вршеше функцијата заменик министер на Р. Косово во повеќе наврати даде скандалозни, навредливи, крајно фашистички изјави кон турскиот народ", се вели во соопштението и се додава:
„Категорични сме дека човек кој има ваков фашизоиден и примитивен ментален склоп во ниту еден случај не смее да биде амбасадор во нашата земја која во сите сегменти максимално се труди да ја негува и промовира мултиетничноста како една голема придобивка за целото општество. Сигурни сме дека прифаќањето на дотичната личност како амбасадор во Р. Македонија ќе резултира негативно врз мултиетничките релации во нашава земја и регионот, но и ќе влијае негативно и кон пријателството со Р. Турција", се вели во соопштението на ТХП, потпишано од страна на претседателот на оваа партија и пратеник во Собранието на Република Македонија Енес Ибрахим.
Исто така, во соопштението се изравува верување дека „во име на промоција на позитивните вредности во целиот регион, но и за зацврстување на пријателството со Р. Турција ќе ги искористете сите Ваши ингеренции и нема да дозволете ваква контроверзна личност да биде именуван како амбасадор во Р. Македонија".