Admir Fazlagic
07 Август 2018•Ажурирај: 07 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (МВР) и надлежните институции на Република Македонија во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили лишија од слобода 7 лица македонски државјани за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти МВР, се работи за македонски државјани, за кои е распишана меѓународна потерница и за кои според Кривичниот законик на Република Македонија се поднесени кривични пријави во рамки на полициските акции „Ќелија 1“ (август 2015) и „Ќелија 2“ (јули 2016).
„Во рамки на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Република Македонија продолжува и понатаму со континуирани активности во насока на детектирање, идентификување, неутрализирање и кривично гонење на странски терористички борци. Република Македонија како една од земјите коjaги прифати Резолуциите 2178 (2014) и 2396 (2017) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, превзеде обврски за кривично гонење на своите државјани кои како странски терористички борци учествувале во кризните боишта во Сирија и Ирак и нивно враќање во матичната земја, почитувајќи го домашното и меѓународното право, како и основните човекови права и слободи”, се вели во соопштението.
Како што се наведува, оваа акција е уште еден показател дека институциите на Република Македонија имаат капацитет и кредибилитет да се справат со актуелните безбедносни предизвици и се сериозен партнер во Глобалната коалиција за борба против тероризмот.
Турција предупредува дека Сириските демократски сили (СДС) се сириски огранок на терористичката организација ПКК, а САД сметаат дека СДС е веродостоен партнер во борбата против ДЕАШ.