СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ / АБДУЛА БЕРИША -
Проф. д-р Хасан Февзи Батирел, професор по торакална хирургија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Мармара“, доброволно учествува на тешките операции реализирани во Скопје, со тоа што го обучува локалниот медицински персонал, пишува Anadolu Agency (AA).
Во последно време во преден план излегува репутацијата на турскиот здравствен систем која е во раст во светот, како и успехот на турските хирурзи, додека операциите кои овој турски хирург доброволно ги врши во Северна Македонија, добиваат пофалби.
Проф. д-р Батирел, покрај тоа што е универзитетски професор, во меѓувреме работи како лекар во приватна болница.
Батирел пред неколку години во словенечкиот главен град Љубљана се запознал со Неџати Јакупи, директор на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје, со чие барање за поддршка пред околу една година почнал да учествува на операции и да го обучува локалниот медицински персонал.
- „Мојата главна цел е да го обучам медицинскиот перонал“
Батирел, во разговор за АА говореше за работите што ги врши во Скопје. Нагласи дека е специјалист по торакална хирургија, но дека покрај тоа врши и операции на бели дробови, езофагус и карцином. Според него, благодарение на лапароскопската хирургија, пациентите многу брзо закрепнуваат.
Во рамки на договорот кој го постигнале, Батирел истакна дека се добиени дозволи од Лекарската комора во земјата, и дека веќе околу една година два дена месечно ја посетува Северна Македонија, каде што врши операции и држи обуки на локалниот медицински персонал.
Батирел информираше дека досега извршиле околу 40 операции.
„Освен тоа што операциите ги вршам сам, мојата главна цел е да го обучам медицинскиот персонал. Тука навистина има млада и енергична екипа, една воодушевувачка екипа. Колегите ги обучувам постепено. Во голема мера ја научија лапароскопската хирургија. Значи, ги научија основните движења, како да се доближат до ткивата“, рече тој.
Батирел нагласи дека операциите од ваков тип се првите операции во Северна Македонија, и додаде дека со овие операции исто така се развиваат и способностите на локалниот персонал.
- „Скопје може да стане еден од важните центри за торакална хирургија во Европа“
Исто така, Батирел истакна дека областа на торакалната хирургија и хирургијата на езофагусот е специфична област. Според него, наместо да се вршат краткорочни соработки во оваа област, потребно е долгорочно и постојано менторство.
Батирел рече дека добиваат позитивни реакции од отпуштените пациенти.
Потсетувајќи се на изреката „Рим не е основан за еден ден“, Батирел додаде дека е потребно време за овие работи.
Според него, Скопје поседува предности со кои може да стане центар во Јужен Балкан. „Ако нашите колеги тука продолжат брзо да ги развиваат нивните способности, тогаш во рок од пет години ова место може да стане еден од важните центри за торакална хирургија во Европа“, нагласи тој.
Осврнувајќи се на здравствениот систем во Турција, Батирел истакна:
„Турција, од аспект на стандардот и квалитетот на лекарите, како и од аспект на инфраструктурата, приватните универзитетски болници, е една од важните земји во светот. Квалитетот на лекарите кај нас, квалитетот на хирургијата и општиот квалитет е на многу високо ниво. Затоа привлекува внимание.“
Неџати Јакупи, директор на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје, истакна дека заедно со хирургот Батирел вршат хируршки интервенции за карцином на белите дробови, но и други болести.

Јакупи нагласи дека овие операции ги вршат со посебен метод - Видеоасистирана торакоскопска хирургија (VATS).
„Досега дојдоа повеќе специјалисти, но професорот Хасан Батирел веќе една година доаѓа без некоја компензација, само за да нѐ обучува. Извршивме околу 50 успешни неверојатни операции што за нашите услови е многу голем успех“, рече Јакупи.
Тој истакна дека за време на посетата на хирургот Батирел, во два дена биле извршени пет операции, било извршено дијагностицирање на бројни други случаи кои ќе ги третираат подоцна.
Јакупи рече дека од оваа соработка се задоволни сите, особено пациентите.
„Пациентите поминуваат исклучително удобна операција. Постоперативната фаза е многу брза, значи тие закрепнуваат брзо и одат дома брзо, бидејќи операцијата е многу поефикасна. Не се преоптоварува одделението со престој на пациентите со недели или месеци“, додаде тој.
Потсетувајќи дека обуките и операциите со професорот Батирел се вршат веќе една година, Јакупи изрази уверување дека во рок од две години лекарите од Северна Македонија ќе можат сами да ги вршат истите операции. Но според него, усовршувањето во медицината нема крај.
Јакупи истакна дека поради зголемување на бројот на интервенциите, планираат да организираат недели на хирургија меѓу Северна Македонија и Турција.