Балкан

Турција и Грција, најомилени дестинации за туристите од регионот

Најомилените и најбараните дестинации во туристичките агенции од страна на жителите на Балканот, како во изминатите години, така и оваа година, останаа плажите на Турција, Грција...

Ekipa  | 09.07.2019 - Обновена : 11.07.2019
Турција и Грција, најомилени дестинации за туристите од регионот

СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Летната туристичка сезона е веќе започната, а граѓаните се во потрага по поволни туристички аранжмани за летните одмори.

Најомилените и најбараните дестинации во туристичките агенции од страна на жителите на Балканот, како во изминатите години, така и оваа година, останаа плажите на Турција, Грција, но се откриваат и други егзотични дестинации кои го привлекуваат вниманието на граѓаните, велат за Anadolu Agency (AA) претставниците на туристичките агенции и туристичките комори.

Маја Димитровска, менаџер на туристичка агенција од Скопје, во разговор за AA вели дека како и во изминатите години, така и оваа година постои интерес за летните туристички аранжмани. Таа забележува дека во однос на изминатите години, на побарувачката за туристичките аранжмани влијаат миграциските процеси, односно иселувањето на граѓаните од државата, особено на младите, кои во летниот период работат во странските држави или пак престојуваат приватно.

„Имаме голем број побарувања затоа што имаме доста голем број аранжмани. Кога ќе направам споредба со изминатите години, можам да кажам дека некако се совпаѓаат барањата, цените, понудата, побарувачката“, истакнува Димитровска.

Во однос на најбараните туристички дестинации, вели дека Грција и Турција се најбараните, но дека постои интерес и за други дестинации.

„Ова лето најголем интерес има за Грција, затоа што ни е тука, блиску, потоа за Турција, секако постојано е на пазарот секоја година, меѓутоа има и нов аранжман, тоа е Хургада во Египет, за којшто, поради атрактивноста на самиот аранжман и поради цените кои ги нудиме, има доста голем интерес“, вели Димитровска.

Меѓу другото, таа додава дека споредбено со минатите години, аранжманите за Грција се поскапи, поради цените за вонпансионските услуги.

Исто така, според Димитровска, кај граѓаните постои интерес и за Хрватска, но и за Италија и Шпанија.

Како што вели таа, просечната цена на аранжманите за кои граѓаните се подготвени да издвојат средства, се движи од 200 до 250 евра по лице.

- Расте бројот на туристи во Северна Македонија, турските државјани најбројни -

Податоците на Државниот завод за статистика на Северна Македонија покажуваат дека бројот на туристите во април 2019 година изнесува 85.017, а бројот на ноќевањата изнесува 166.238.

Димитровска вели дека турските државјани се најбројни туристи во земјава, и дека тие својот летен одмор го поминуваат во балкански тури, поминувајќи низ Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, како и низ другите земји од регионот.

Освен туристите од Турција, во Северна Македонија, според Димитровска, бројни се туристите од Сингапур и Малезија. Овие туристи најмногу ги посетуваат Скопје и Охрид, додека туристите од Шведска и Норвешка и западноевропските земји ги преферираат планинските предели во земјава.

- Албанија - Крајбрежните градови најдобри дестинации за одмор -

Граѓаните на Албанија продолжуваат да резервираат за одморите од летната сезона, како во Албанија, така и во туристички дестинации надвор од земјата.

За одмор во Албанија, крајбрежните градови и зони, како Драч, Валона, Велипоја, Шенѓин и Саранда, продолжуваат да бидат омилените дестинации и да го зафаќаат главниот дел од побарувачката на граѓаните за резервации.

Цените во државата варираат според времето и видот на престој, движејќи се од 100 до 150 евра за едно лице за една недела.

Што се однесува на одморите надвор од земјата, претседателот на Албанското здружение на тур-оператори и туристички агенции (АТОА), Клитон Герџани, во изјава за Anadolu Agency (AA) вели дека за албанските граѓани поомилени за одмор, како и во минатите години, се Турција, Грција, а помалку Египет.

Цените за резервација варираат според времето на престој и видот на туристичката зона, и за една недела се движат од 200 до 1.300 евра во Грција, и од 800 до 1.500 евра за едно лице во Турција.

       - Странските туристи во Албанија -

Албанија и оваа година го привлекува интересот на голем број туристи и странски посетители, кои резервираат туристички патувања во разни градови во текот на летната сезона.

Претседателот на АТОА истакнува дека културниот и природниот туризам, претежно го преферираат туристите од Западна Европа. Според него, во крајбрежниот туризам преовладуваат гостите од Косово и Северна Македонија, но и гости од земјите од Источна Европа.

„Зголемената побарувачка го создаде проблемот од потребата за повеќе капацитети, особено во крајбрежниот туризам, во зоните на Драч и Саранда, но проблем остануваат и Ѓирокастро и Берат“, вели Герџани.

Според официјалните податоци на Институтот за статистика на Албанија (INSTAT), во текот на минатата година во Албанија влегле вкупно 5.926.803 странски посетители. За овој период бројот на странски посетители пораснал за 15,8 отсто во споредба со 2017 година.

Во меѓувреме, бројот на странски државјани кои влегле во Албанија, вклучувајќи и за туристички цели, во првите пет месеци од 2019 година бележи раст од 5,8 отсто во споредба со истиот период лани.

Според Националната агенција за туризам, земјите од Европа заземаат 92,4 отсто од сите туристи. Тие главно доаѓаат од Косово, Северна Македонија, Грција, Италија, Црна Гора, Полска, Германија и од други земји.

Во меѓувреме, во последните години расте и интересот од туристите од САД или од Азија, особено од Кина, влијаејќи во развојот и на другите потгранки на туризмот, особено на историскиот и културниот туризам.

Во Албанија функционираат илјадници угостителски објекти, каде што главно место заземаат хотелите, а останатиот дел се куќи и хостели.

- Косово има позитивен тренд во туризмот -

И покрај малиот географски простор, Косово има позитивен тренд, што се однесува до растот на заинтересираните да го посетат.

Туризмот во Косово се карактеризира со археолошки локалитети од времето на Илирите, Дарданите, Римјаните, Византијците, Србите и Османлиите, традиционалната албанска и српска кујна, архитектура и обичаи, како и убавите планини.

Врз основа на податоците на Агенцијата за статистика на Косово (АТК), бројот на странски посетители во Косово во 2017 година бил 162.234, а во 2018 година пораснал за 18,82%, или вкупно 192.761 посетители. Исто така, во пораст се и ноќните престои на странските посетители кои пораснале за 17,53% во однос на 2017 година.

Елхами Исмаили, одговорниот за односи со јавноста во Министерството за трговија и индустрија, вели дека во Косово постојат неколку тур-оператори кои нудат организирани посети во територијата на Косово во текот на целата година. Во текот на летото, како што истакнува тој, посетите главно се концентрирани на активностите во природа и искачување на планини, но голем број од меѓународните посетители во текот на летото доаѓаат во Косово, особено за време на одржувањето на филмскиот и музичкиот фестивал.

„Дестинациите кои се најпосетувани во последните години се: Приштина како главен град има најголем број со 114.071 посетители и со 183.843 ноќевања. Следува Пеќ, со 75.151 посетители и со 130.954 ноќевања, Призрен со 52.465 посетители и 71.803 ноќевања. Ако ги погледнеме локациите надвор од урбаните зони, ја имаме Брезовица, регионот на Ругова, комплексот „Адем Јашари“, водопадите на Мируша, изворот и пештерата во Радавци, манастирот во Дечан, калето во Новобрдо, итн.“, вели Исмаили.

Што се однесува до цените за туризам во Косово, претседателот на Здружението за алтернативен туризам во Косово, Баки Хоти, за АА вели дека тие се просечни и конкурентни во регионот, освен во делот на сместувањето, во кој се за мал процент повисоки во споредба со земјите од регионот.

Хоти вели дека Косово секој ден станува сѐ поатрактивно место за различни групи посетители, имајќи го предвид и неговото вклучување во балканските туристички пакети на неколку компании. Тој набројува неколку фактори за растот на интересот.

„Факторите кои придонесоа за пораст на интересот за посета на Косово се: вклучувањето на Косово во балканските пакети на неколку европски туристички агенции, продлабочувањето на соработката помеѓу државите, особено меѓуграничната соработка, постојаната промоција, особено учеството на разни меѓународни саеми“, истакнува Хоти.

Голем број косовски државјани живеат во дијаспората, што исто така придонесува за раст на бројот на посетителите, особено во текот на летната сезона и новогодишните празници. Само во текот на 2018 година, околу 108.000 косовски државјани кои живеат во разни држави, главно во Европа, имаат престојувано во Косово, а во 2017 година овој број беше помал, околу 88.000.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.