Kaan Bozdoğan
23 Октомври 2024•Ажурирај: 25 Октомври 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије презеде значајни чекори кон проширување на својата меѓународна соработка во одбраната, потпишувајќи протоколи за соработка во военото здравство со Црна Гора и Косово, јавува Анадолу.
Договорите имаат за цел да ја унапредат соработката и обуката на полето на военото здравство меѓу државите.
Во рамките на вториот ден од Меѓународниот саем за одбрана, авијација и вселенска индустрија (САХА ЕКСПО 2024), што се одржува во Саемскиот центар во Истанбул, турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер, денес одделно се сретна со својот црногорски и косовски колега.
На првиот состанок, Ѓулер и министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ, разговараа за областите од заеднички интерес во военото здравство.
По средбата, двајцата министри потпишаа протокол со кој се официјализира договорот за соработка и обука меѓу Туркије и Црна Гора на ова поле.
Ѓулер се состана и со косовскиот министер за одбрана, Ејуп Маќедонци. Нивниот разговор резултираше со потпишување на сличен протокол чија цел е зајакнување на соработката во военото здравствство меѓу Туркије и Косово.
Овие договори ја означуваат посветеноста на Туркије за продлабочување на партнерствата од полето на одбраната, особено во военото здравство, со балканските земји.
Протоколите ги нагласуваат заедничките напори за унапредување на обуката, размена на експертиза и унапредување на севкупните капацитети во военото здравство меѓу споменатите земји.
САХА ЕКСПО 2024 е платформа на која Туркије ги прикажува своите постигнувања во одбраната и воздухопловството, истовремено поттикнувајќи ги стратешките меѓународни сојузи.