Балкан

Температури под нулата во кампот Вучјак во БиХ: „Ние тука умираме, ЕУ, отвори ни ги вратите!“

- Околу 500 мигранти во кампот „Вучјак“, во близина на Бихаќ, веќе подолго време престојуваат во услови кои не се достојни за човек. Најтешките денови допрва доаѓаат, со оглед на тоа дека првиот снег веќе падна. Температурите се спуштаат и до -10

Kayhan Gül  | 05.12.2019 - Обновена : 08.12.2019
Температури под нулата во кампот Вучјак во БиХ: „Ние тука умираме, ЕУ, отвори ни ги вратите!“ Foto: Mustafa Öztürk / AА

БИХАЌ (AA)

- Кахјан ЃУЛ

Околу 500 мигранти во кампот „Вучјак“, во близина на Бихаќ, веќе подолго време престојуваат во услови кои не се достојни за човек. Но, оние најтешките денови допрва доаѓаат, со оглед на тоа дека првиот снег веќе падна, а температурите во текот на ноќта се спуштаат и до 10 степени под нула, јавува Агенција Анадолија (AA).

Од локацијата оддалечена 15 километри од границата со Европската Унија (ЕУ), бараат да им се отворат границите и порачуваат дека нивна единствена цел е да го продолжат патот кон Германија, Франција, Холандија и другите европски земји.

Температури под нулата во кампот Вучјак во БиХ: „Ние тука умираме, ЕУ, отвори ни ги вратите!“

Во знак на протестите, бидејќи не им се дозволува да ја преминат границата, мигрантите веќе два дена ги одбиваат оброците кои им ги доставуваат волонтерите од Црвен крст, се капат со вода која ја добиваат со топење на снегот, а времето во кампот обично го поминуваат греејќи се на оган запален од дрвјата собрани во шумата.

На средината на кампот „Вучјак“, во кој престојуваат и деца од 13 и 14 години, истакнати се транспаренти: „Ние тука умираме, ЕУ, отвори ни ги вратите!“. Иако соочени со недостиг на питка вода, големи наслаги со ѓубре, кал која им го отежнува движењето, мигрантите одбиваат да го напуштат кампот. Единствено што сакаат е да им се дозволи да го продолжат својот пат.

- Не сакаат помош, туку да го продолжат патот кон ЕУ

Мухамед, мигрант од Авганистан, за АА истакнува дека на мигрантите во моментот најголем проблем им претставуваат студеното време и снегот. Додава дека во кампот ноќите се многу студени и дека температурите паѓаат под нула.

„Ние не сакаме помош. Сакаме да ни се отворат вратите и да ни се дозволи да го продолжиме нашиот пат. Ова не е живот“, порача Мухамед.

Со оглед на студеното време, Мухамед додава дека голем број мигранти во „Вучјак“ се болни. Како последица на снегот, еден дел од шаторот е срушен, поради што животот во овој камп е прилично отежнат.

Мухамед вели дека не сака да остане во БиХ.

„Меѓу нас се оние кои се тука веќе половина година. Ни велат да преминеме во другите кампови. На крајот, по зимата, повторно ќе се вратиме, така што од тоа нема корист. Најголема помош ни е да ни се отворат вратите“, порачува Мухамед.

Мигрантот со име Екмел од Пакистан, вели дека веќе два дена ги одбиваат оброците и огревот кој им се праќа во кампот. Порачува како со тоа сака да каже дека она кое тие го сакаат не е помош, туку дозвола да го продолжат патот.

Вели дека не спијат од страв дека би можеле да се замрзнат, така што добар дел од ноќта поминуваат во разговор, насобрани околу запалениот оган.

Екмел додаде дека во „Вучјак“ има и такви кои дури десет пати се обидувале да ја преминат границата со Хрватска. Како што вели, ги фатиле хрватските полицајци, потоа биле претепани и повторно вратени во БиХ.

- Тука престојуваат деца, ним им е многу студено

Мигрант од Авганистан по име Ахмед пристигна во кампот „Вучјак“ пред седум дена.

„Ноќите се многу студени. Првиот снег веќе падна, а ќе има уште. На планините има многу повеќе снег, така што мал е бројот од оние кои се обидуваат да ја преминат границата“, појаснува Ахмед, и додава: „Тука има деца, има повозрасни. За нас можеби и не е толкав проблем, но на децата тука им е многу студено.“

Тој се заблагодари на Црвената полумесечина на Турција, која им обезбедила шатори во кампот. Со тоа, како што вели, барем малку им бил олеснет животот во кампот.

Потпретседалот на Меѓународата федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Керем Киник, неодамна го посети кампот „Вучјак“ и порача дека таму не постојат услови во кои човек би можел да престојува и дека кампот на Вучјак треба што побрзо да биде затворен.

Пред два дена кампот го посети и комесарката на Советот на Европа за човекови права, Дуња Мијатовиќ, која исто така порача дека овој камп мора да се затвори уште тој ден.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın