Zylfije Adem Jakupi
11 Јуни 2020•Ажурирај: 12 Јуни 2020
ПРИШТИНА
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, оддавајќи почит пред статуата на народниот херој Захир Пајазити по повод 11 јуни, Денот на ослободувањето на Приштина, рече дека Косово ќе го продолжи својот пат кон интеграција во НАТО и ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Тачи по полагањето цвеќе изјави дека Косово овие денови ја прославува 21-годишнината од ослободувањето и по тој повод му се одддава почит на Захир Пајазити, еден од основачите на Ослободителната војска на Косово и на сите други народни херои и борци на ОВК, воени инвалиди, семејства на загинатите борци и жртви од целата земја, кои со пушка во рацете или со цивилен отпор придонеле за слободата на земјата.
„Ова се херојски и важни историски денови. Без борбата на Ослободителната војска на Косово и без жртвувањето на граѓаните на Косово не би реагирал целиот свет, така што нашето праведно движење, нашата голема жртва што ја покажавме на бојното поле и нашата демократска цел направија покрај себе да ги имаме нашите сојузници САД, ЕУ и НАТО“, рече Тачи.
Претседателот Тачи нагласи дека Косово по ослободувањето и прогласувањето независност, останува да работи на интеграцијата во НАТО и ЕУ.
По повод најавената посета на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, Тачи рече дека сѐ уште не е официјално известен за посетата и дека ќе одговори на повикот кога ќе ја види агендата и приоритетите на специјалниот претставник. Тој истакна дека е важно Косово да се третира како независна држава и дека би пропаднал каков било друг пристап.
Претседателот на Косово рече дека Косово има полна доверба во САД, држава која придонела во ослободувањето и независноста на земјата и дека верува во лидерството на претседателот Доналд Трамп и динамиката и енергијата на неговиот пратеник за дијалог, Ричард Гренел.
„Сега нема време за мерење пулс или семинарско третирање на прашањето за Косово со реципрочно признавање на Косово и Србија, туку за историски одлуки кои носат конкретни резултати“, рече Тачи.
Претседателот на Косово нагласи дека дијалогот со Србија ќе го водат легитимни претставници на Косово, додавајќи дека нема меѓусебно натпреварување, туку надополнување.