Балкан

Татко ќе закопа син 30 години по геноцидот во Сребреница: „Живеевме во надеж дека заминал некаде и дека ќе се врати“

- Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани 6.765 жртви на геноцидот, а 250 жртви се погребани на локалните гробишта на барање на членовите на семејствата.

Vesna Besic  | 09.07.2025 - Обновена : 09.07.2025
Татко ќе закопа син 30 години по геноцидот во Сребреница: „Живеевме во надеж дека заминал некаде и дека ќе се врати“

ЛУКАВАЦ

- Весна БЕШИЌ


„Барем да имаше семејство, дете“, зборува низ солзи Хусеин Авдиќ, кој на колективниот погреб во Поточари на 11 јули оваа година ќе ги спушти во гроб нецелосните посмртни останки од својот син Сенаид. Имал само 19 години кога бил убиен во геноцидот извршен врз Бошњаците во Сребреница летото 1995 година, јавува Анадолу.

Триесет години по геноцидот, Сребреница сè уште зборува. Не гласно, туку тивко – преку солзите, преку гробовите, преку зборовите на родителите како Хусеин, преку родителскиот шепот: „Барем да имаше свое семејство, дете.“

Посмртните останки на Сенаид Авдиќ беа ексхумирани во октомври 2010 година на подрачјето на Суљиќи, на површината на локалитетот.

Неговиот татко Хусеин со сопругата Алма живее во селото Бокавиќи, на подрачјето на Лукавац, кај Тузла. Пред војната живееле во Перван, Општина Братунац.

„Имав четири деца – Јусуф, Сенаид, кој не се врати, Зејад и ќерката Алмедина“, вели Хусеин, кој во времето на почетокот на агресијата на Босна и Херцеговина во 90-тите години работел во соседна Хрватска. Кога започнале воените случувања и таму, се вратил да го посети семејството.

Вели дека сè изгледало како да ќе се случи нешто и во БиХ, но не можел ни да претпостави што. Се вратил во Хрватска со најстариот син Јусуф, иако ѝ предложил на сопругата да оди со децата со него. Таа одбила затоа што морала да се грижи за семејната куќа и имотот.

„Сенаид и Зејад со братот од жена ми тргнаа преку шумата. Оделе заедно до Суљиќи и таму се разделиле. Токму таму го најдоа Сенаид“, раскажува Хусеин, наведувајќи дека биле нападнати, се разделиле и повеќе не се сретнале.


- Постоеше надеж

По пронаоѓањето на останките од Сенаид, ја информирале сестрата Алмедина, која ништо не им кажала на родителите надевајќи се дека ќе се пронајдат уште делови.

Родителите дури минатата година дознале дека се пронајдени останките на нивниот син. Ги повикале од Тузла и им го соопштиле тоа.

„Тешко беше кога не дојде од Сребреница. Живеевме во надеж дека ќе се појави, дека некаде заминал и ќе се врати… Бевме оптимисти дека ќе се јави“, вели Хусеин, кој со семејството повторно се споил во 1998 година.

Сопругата со ќерка му Алмедина поминале на слободна територија со автобуси, по падот на Сребреница во јули 1995 година.

„Ги најдов преку еден човек. Го прашав за Сенаид, Алма ми рече дека сè уште не дошол. Долго време живеевме во надеж. Се зборуваше дека некои поминале преку Дрина, некои таму…“, се присетува.

Сенаид беше добар ученик, повлечен и мирен.

„Тој слушаше сè. Никогаш не одбиваше да направи нешто“, рече Хусеин.

Тој вели дека го сонувал својот син откако дознал дека се пронајдени неговите посмртни останки.

„Го сонував како да беше дома. Куцаше на едната нога. Го прашав - што се случило, а тој рече: 'Нешто ме удри, не се плашам'“, кратко рече Хусеин.

Бројни семејства на жртви на геноцидот со години чекаат да ги пронајдат барем коските на своите најблиски за да можат да ги погребаат со достоинство.

„Одлучивме да ги закопаме неговите останки, за да знаеме каде е, да можеме да му прочитаме Фатиха, да знаеме каде е додека сме живи. Ќе биде тешко на 11 јули“, вели Хусеин, наведувајќи дека неговата сопруга е со нарушено здравје, но рекла дека сака да оди на погребот, „па макар и да не се врати дома“.

На Хусеин верата му помогнала во целиот период по војната.

„Помага кога се молам. Може малку да ја ублажи болката“, додаде тој.


- Седум жртви во геноцидот ќе бидат закопани на 11 јули

Посмртните останки на седум жртви во геноцидот во Сребреница, извршен од припадниците на Армијата на Република Српска и нивните соучесници во јули 1995 година, се подготвени за колективниот погреб на 11 јули во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари.

Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани 6.765 жртви на геноцидот, а 250 жртви се погребани на локалните гробишта на барање на членовите на семејствата.

Сè уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница.


- Злосторства и пресуди

Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судството во Србија и Хрватска досега осудија вкупно 54 лица на 781 година затвор и пет доживотни затворски казни - за геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година.

Од нив, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг осуди 18 лица за геноцид и други злосторства извршени во Сребреница, со пет доживотни казни и 219 години затвор.

На казна доживотен затвор за геноцидот се осудени Ратко Младиќ, Радован Караџиќ, Здравко Толимир, Вујадин Поповиќ, Љубиша Беара. Радислав Крстиќ и Драго Николиќ беа осудени на 35 години затвор.

За други злосторства во Сребреница МКТЈ осуди 11 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.