Граѓаните на Сараево им оддадоа почит на жртвите од геноцидот во Сребреница
- На гробиштата на Меморијалниот центар во Поточари оваа година ќе бидат погребани останките на седум жртви од геноцидот извршен во јули 1995 година врз Бошњаците во „безбедносната зона на ОН“ во Сребреница

САРАЕВО (АА) - Тажната колона со табути (ковчези) на седум жртви во геноцидот во Сребреница пристигна во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, а како и во претходните години застана пред зградата на Претседателството на БиХ, каде што семејствата на жртвите и голем број граѓани им оддадоа почит на убиените во геноцидот, известува Анадолу.
Потоа колоната со останките ќе продолжи кон Поточари, каде што во петок, 11 јули, на 30-годишнината од геноцидот, ќе се изврши погребна молитва, а погребот ќе биде извршен во комплексот на Меморијалниот центар Сребреница-Поточари.
Пред Претседателството на Босна и Херцеговина, на церемонијата на збогување со жртвите од Сребреница, присуствуваа членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, реис-ул-улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Хусеин еф. Кавазовиќ, голем број други претставници од различни нивоа на власт и граѓани.
Главната сообраќајница во Сараево замолкна кога на почетокот на улицата се појави камионот со ковчези на жртвите од Сребреница. Голем број граѓани, кои и покрај дождот се собраа пред зградата на Претседателството, ги испратија ковчезите со солзи и рецитирање Фатиха за нивните души.
Многумина се приближија до возилото со останките и им оддадоа почит на жртвите во геноцидот положувајќи цвеќиња.
Националното знаме на Босна и Херцеговина беше истакнато на камионот што ги транспортира останките на убиените во геноцидот.
Авдија Перван, исто така, беше пред зградата на Претседателството. На прашањето дали денес испраќа некој од членовите на нејзиното семејство, таа одговори: „Не, но и јас сум мајка на загинат и многу ми е тешко. Овие како да се мои деца.“
Нагласувајќи дека секоја година доаѓа на збогување со жртвите на геноцидот, Перван нагласи колку е неприфатливо и бесмислено да се продолжува со негирањето на геноцидот во Сребреница и додаде:
„Тој беше извршен во Сараево, а камоли во Сребреница. Толку многу надгробни споменици, јас отидов и видов.“
Перван порача: „Сребреница да не се повтори никогаш повеќе.“
Голем број жители на Сараево се собраа на централната градска улица, со цвеќиња во рацете, за да го испратат конвојот со ковчези и да им оддадат почит на жртвите во геноцидот во Сребреница во 1995 година.
Камионот со жртвите, како и во претходните години, накратко застана на локациите каде што граѓаните на Сараево страдаа за време на четиригодишната опсада, кај Споменикот на убиените деца во опколеното Сараево и градскиот пазар Маркале, каде што беа извршени два големи масакра врз невини цивили за време на опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година.
Конвојот со ковчезите тргна од Високо утрово, а неговото пристигнување во Поточари се очекува денес попладне.
Оваа година во Поточари ќе бидат погребани: Сенајид (Хусеин) Авдиќ (1976), Хариз (Рамиз) Мујиќ (1976), Фата (Хусо) Бектиќ (1928), Хасиб (Адем) Омеровиќ (1961), Сејдалија (Алија) Алиќ (1961), Рифет (Мустафа) Габељиќ (1964) и Амир (Ибрахим) Мујчиќ (1964).
Најмладите жртви што ќе бидат погребани оваа година се две момчиња што имале 19 години во времето на смртта - Сенајид Авдиќ и Хариз Мујиќ. Двајцата, убиени во јули 1995 година, ќе најдат конечен мир после 30 години.
Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани 6.765 жртви во геноцидот, а 250 жртви се погребани на локалните гробишта по барање на членови на семејството.
Во 2007 година Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда во која се наведува дека во јули 1995 година Армијата на Република Српска (ВРС) извршила геноцид во Сребреница, која тогаш била заштитена зона на ОН.
Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судовите во Србија и Хрватска досега осудиле вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни затворски казни за геноцид и воени злосторства. На доживотен затвор беа осудени, меѓу другите, воениот претседател на РС, Радован Караџиќ и командантот на армијата на тој ентитет, Ратко Младиќ. Сè уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.