Bojana Stojanovic
28 Ноември 2018•Ажурирај: 28 Ноември 2018
БЕЛГРАД (AA) - Судскиот Механизам во Хаг го отфрли барањето на лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, да му се овозможи да вложи жалба на правосилната пресуда со која е осуден на 10 години затвор поради прогон на Хрватите од војводинското село Хртковци во 1992 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во образложението на одлуката, претседателот на Механизмот, Теодор Мерон, констатираше дека со статутот и со правилникот на судот не е предвидено вложувањето жалба на правосилна пресуда што ќе ја изрече Апелацискиот совет.
Обвинителството нагласи дека според статутот на судот, можна е само ревизија на целата постапка, доколку се исполнети одредени услови. На првостепената ослободителна пресуда, Шешељ, кој се бранеше сам, не вложи жалба, но тоа го направи Обвинителството.
Делумно усвојувајќи ја таа жалба, Апелацискиот совет на Механизмот го прогласи Шешељ виновен за прогон на Хрватите од Хртковци и го осуди на 10 години затвор.
Со првостепената пресуда, Хашкиот трибунал на 31 март 2016 година го ослободи од обвиненијата за злосторства над Хрватите и Муслиманите во Хрватска, Војводина и Босна и Херцеговина (БиХ), во период 1991-1993 година. Шешељ тогаш беше ослободен од вината за прогон на „несрбите“ на политичка, расна и верска основа, депортација и присилно преместување, како и злосторства против човештвото.
Трибуналот со таа пресуда утврди и дека Шешељ не е виновен за убиства, мачење, лошо однесување, пустошење села, што не е оправдано со воена неопходност, уништување верски објекти и грабеж на јавен и приватен имот, како и кршење на законите и обичаите на војување.
Делумно усвојувајќи ја жалбата на обвинителот, Апелацискиот совет на хашкиот Механизам, на 11 април оваа година го прогласи Шешељ за виновен и за поттикнување и извршување прогон на Хрватите во село Хртковци во Војводина во 1992 година. Апелацискиот совет констатираше дека Шешељ казната веќе ја отслужил, бидејќи во притвор во Хаг бил од 2003 до 2014 година.