Abdulbesar Ademi,Abdula Berisha,Fatjon Cuka
22 Ноември 2023•Ажурирај: 23 Ноември 2023
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека регионот на Западен Балкан е од стратешко значење за НАТО, но дека постојат и причини за загриженост, јавува Анадолу.
По неговата посета на Босна и Херцеговина, Косово и Србија, Столтенберг престојува во посета на Северна Македонија, каде што заедно со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ги пречекаа на состанок претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, и премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, по што се обратија на заедничка прес-конференција.
Столтенберг истакна дека само што завршиле „интересен состанок“ на кој се осврнале на заедничките безбедносни предизвици со кои „сите се соочуваат на Западниот Балкан“.

Тој нагласи дека на средбата разговарале за регионалните прашања од Западен Балкан и пошироко.
„Овој регион е од стратешко значење за НАТО, но има причини за загриженост. Гледаме сецесионистички закани во Босна и Херцеговина, кревка безбедносна ситуација во Косово и застој во нормализацијата меѓу Белград и Приштина. Освен тоа, авторитарните држави како Русија се обидуваат да ги поткопаат нашите демократии со кибер и хибридни закани“, рече Столтенберг.
Шефот на НАТО истакна дека во неговата турнеја низ регионот на секоја станица јасно нагласил дека стабилноста на Западен Балкан зависи од тоа сите страни да изберат дијалог и дипломатија наместо конфликт и хаос.
„Завршувањето на сецесионистичка реторика ќе поттикне стабилност и ќе овозможи реформи во Босна и Херцеговина. Повторното ангажирање во дијалогот олеснет од ЕУ е од суштинско значење за патот на Белград и Приштина кон мир и стабилност. Неодамнешните предлози за формирање Заедница на општини со мнозинство Срби во Косово би можеле да бидат важен чекор напред. Време е да се надминат регионалните конфликти кои траат долго време“, додаде Столтенберг.
Меѓу другото, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во своето обраќање рече дека на состанокот се разговарало за предизвиците кои се поврзани со регионалната безбедност, како и со кибербезбедноста, како прашање со кое се засегнати сите од регионот.

„Како сојузници, како демократии, како прогресивни лидери, градиме еден нов регион и постојано го унапредуваме. Тоа дефинитивно може да се каже и за Северна Македонија, која одамна е пример за соживот, за мирно решавање на спорови преку дијалог за реформирање и практицирање на демократија и инклузивност во носењето на одлуките“, истакна Ковачевски.
- Рама: Косовско-српската граница „всушност е надвор од контрола“
Премиерот Рама рече дека на средбата, шефот на НАТО со интерес го примил предлогот за градење формат за самит на НАТО со земјите од Западен Балкан. Рама зборуваше и за неодамнешните тензии на Косово.
„Би сакал да истакнам дека ми е жал поради фактот што и покрај повторените повици значително да се зголеми не само вниманието, туку и силите кои треба да ја гарантираат апсолутната стабилност и неповредливост на Косово, се случи трагичен настан кој мора да се земе предвид како предупредување, а не како спорадичен настан. Тоа не смее да се повтори по секоја цена“, рече Рама.

Премиерот на Албанија истакна дека денеска на средбата ја истакнал неопходноста од зголемување на бројот на силите од НАТО во Косово и неопходноста да се гарантира границата меѓу Косово и Србија, која според него „всушност е надвор од контрола“.
„Би сакал да го истакнам и барањето Албанија да ја кофинансира со НАТО новата поморска база на НАТО во Порто Романо (Драч). Силно веруваме дека сѐ што се случува, ја зајакнува стратешката вредност на една ваква инвестиција, не само за Албанија, туку и за самото НАТО“, рече Рама.
- Хрватскиот претседател: Евентуалниот самит НАТО - Западен Балкан е „мудар предлог“
Претседателот Милановиќ во својот говор го истакна предлогот на премиерот Рама за евентуален самит на НАТО со Западен Балкан, што го оцени како мудар и добредојден предлог.

„Предлогот да се размислува за форум во кој би се приклучиле овие држави, државите од Југоисточна Европа, можеби дури и некоја друга и многу важна држава, Белград, Приштина и Сараево, верувам дека го заслужува вниманието пред сѐ на НАТО и на генералниот секретар“, рече Миловановиќ.
Премиерот на Црна Гора, Спајиќ, рече дека на средбата било истакнато стратешкото значење на Западен Балкан за НАТО, со што се потврдила силната посветеност на Црна Гора за зголемување на регионалната соработка.

„Во заклучоците од оваа средба истакнав дека стабилен и безбеден Западен Балкан е можен само со силна европска перспектива и економски развој и истакнав дека 44-тата Влада на Црна Гора ќе направи сѐ за тие да ја постигнат оваа цел, како за Црна Гора, и за регионот“, рече Спајиќ.