Fatjon Cuka
02 Јуни 2019•Ажурирај: 02 Јуни 2019
ТИРАНА (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во текот на посетата на Албанија рече дека НАТО е посветен на стабилноста во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во текот на посетата на Албанија се состана со претседателот на земјата Илир Мета, премиерот Еди Рама и министерката за одбрана Олта Џачка.
По состанокот со Рама во Тирана, Столтенберг рече дека Албанија е многу важен партнер на НАТО. Додаде дека албанските единици даваат значителен придонес на стабилноста на Косово и борбата против тероризмот, како и во мисијата на НАТО во Авганистан.
„НАТО е посветен на безбедноста на Албанија. Благодарејќи на големата работа, Албанија претставува пример во воспоставувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан”, рече Столтенберг.
Тој се осврна и на политичките случувања во земјата.
„Неприфатливи се употребата на било каков облик на насилство и саботирање на демократските институции. Секое несогласување потребно е да се реши со политички дијалог и со учество во демократските процеси”, рече Столтенберг.
Најави и продолжување на инвестициските програми во воздушната база во Кочова, во Албанија.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека на состанокот е разговарано за придонесот на Албанија во НАТО, соработката, буџетот за одбрана и слични теми.
„Не е тајна дека пристапот на Русија кон НАТО, ЕУ и интегративните процеси не е пријателски”, рече Рама.
По посетата на Албанија, Столтенберг со делегацијата од НАТО денес и утре престојува во Северна Македонија.