Kemal Zorlak
05 Јуни 2021•Ажурирај: 07 Јуни 2021
КОЊЕВИЌ ПОЉЕ
Срушена е нелегално изградената православна црква во дворот на Фата Орловиќ, баба од Коњевиќ Поље, во североисточна Босна и Херцеговина (БиХ). Со овој чин завршена е 20-годишната борба на Фата Орловиќ за отстранување на бесправно изградениот објект од нејзиниот приватен имот во текот на војната во БиХ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рушењето, односно преместувањето на бесправно изградената црква започна утрово, кога градежните машини се појавија во дворот на Фата Орловиќ.
Фотографиите на кои се гледаат машините како го почнуваат рушењето ги сподели адвокатот на семејството, Русмир Каркин, на својот фејсбук-профил.
Борбата на Фата Орловиќ за отстранување на православната црква, што е изградена во незиниот двор во текот на војната и агресијата на Босна и Херцеговина кон почетокот на 1990-тите години, додека таа и преживеаните членови на семејството беа бегалци, траеше две децении.
Отстранувањето на бесправно изградениот објект, православната црква, почна по пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур на 1 октомври 2019 годна, со која ѝ е наредено на државата Босна и Херцеговина да ги испочитува претходните одлуки за отстранување на црквата - одлуките на ЦРПЦ (CRPC) од 1999 година и Министерството за бегалци од 2001 година.
Европскиот суд утврди дека пропустот на властите да ги испочитуваат конечните и обврзувачките одлуки од 1999 и 2001 година со кои е утврдено правото на враќање на предметниот имот во поседување на подносителот на претставката, а за што Владата на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска не понуди никакво оправдување, имаше за последица сериозно нарушување на нивното право на имот.
Апелација до Европскиот суд за човекови права во Стразбур поднесе Фата Орловиќ и уште 13 членови на нејзиното семејство во 2018 година.
- Имотот вратен на сопствениците, нелегално изградената црква остана -
Властите на босанскохерцеговскиот ентитет РС по завршувањето на војната им го вратија имотот на Фата Орловиќ и на нејзиното семејство, но нелегално направената православна црква во нејзиниот двор остана. Фата Орловиќ започна судска постапка во 2000 година пред судовите во БиХ, што заврши со апелација и пресуда на Европскиот суд за човековите права во Стразбур во нејзина и во корист на останатите 13 апеланти.
„Нана“ Фата Орловиќ во текот на војната во БиХ го загуби сопругот, а и повеќе од 20 членови на семејството, но со враќањето во Коњевиќ Поље смогна сили за продолжување на правната борба за отстранување на бесправно изградената православна црква од нејзиниот имот.
Во изминатите 20 години во борбата за отстранување на бесправно изградената црква од нејзиниот двор, Фата Орловиќ преживеа многу нешта - напади, закани, обвинувања.
Во првата изјава за медиумите по отстранувањето на црквата од нејзиниот двор, Фата Орловиќ изјави дека е исцрпена од повеќедецениската борба.
„Фала му на Бога, дочекавме, сè се изврши како што треба, но денес ми е најлошо. Не ми е драго, не сакам, а морам, бидејќи секој си го бара своето, па го барам и јас своето. Јас на нив ништо не им направив, ниту правам. Драго ми е што е отстранета од дворот, не би трпел никој, па не можам ниту јас“, рече бабата Фата Орловиќ, која денес има нарушена здравствена состојба.
Таа им се заблагодари и на новинарите за поддршката. Додаде дека е време конечно да седне во својот двор.
„Да седнам тука да испијам кафе, да не нè бркаат и да не нè тепаат во нашиот двор, и на тоа нека му дојде крајот. Ни го правеа она што е најлошо, а дојде крај и за нив“, рече Фата Орловиќ и додаде:
„Дваесет години сум исцрпена, а денес ми е најлошо. Не ми е драго, а во исто време и драго ми е што е ослободен мојот двор.“
Оваа жена во одминати години, која со својата борба на цела БиХ и пошироко им покажа дека правдата е достижна, но дека за нејзиното постигнување е потребна огромна енергија, желба и упорност, во бројните изјави за медиумите никогаш не рече дека православната црква ѝ пречи.