Andjelija Stojkovic
09 Јули 2020•Ажурирај: 09 Јули 2020
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, изјави дека вечерва насилството на улиците на Белград и другите градови во Србија е показател на желбата за насилно преземање на власта, без учество на избори, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Јасно е дека сегашната состојба на улиците низ градовите може да се опише како чисто насилство и обид за преку насилство и физичка пресметка преку сила да се преземе власта, без волја на народот и учество на изборите“, порача Стефановиќ.
Тој истакна дека полицијата ја вратила контролата каде што имало судири, дека полицијата не сакала прекумерно да реагира и дека реагирала дури тогаш кога полицајците биле изложени на обид за линч.
Стефановиќ рече дека демонстрантите ја нападнале полицијата со разни предмети.
„Интервенираа кога насилството стана неиздржливо и кога нивните животи беа во опасност“, рече Стефановиќ.
Нагласи дека 10 полицајци се повредени и дека на еден полицаец му биле скршени двете нозе.
„Ќе го приведеме секој што ќе се осмели физички да го загрози кој било човек“, порача Стефановиќ и додаде дека ќе одговара секој што фрлил камен и ја загрозил полицијата, и ќе биде строго казнет.
Министерот додаде дека ќе биде откриен секој кој ја нападнал полицијата и дека и покрај маските има начини да се дознае. Полицијата ќе се обиде да обезбедни доволно докази за обвиненијата да бидат цврсти и законот да биде брзо спроведен.
Стефановиќ рече дека насилството на демонстрантите е забележано од многу камери и дека демонстрантите 30 минути фрлале солзавец кон полицијата пред Собранието на Србија.
Српскиот министер истакна дека безбедносниот апарат ги набудува појавите што покажуваат надворешни елементи во организирањето на протестите, и дека службите се на добра трага за тоа кој учествувал во тоа.