Lejla Biogradlija
09 Јули 2020•Ажурирај: 10 Јули 2020
САРАЕВО
Амбасадорот на Република Турција во Босна и Херцеговина, Халдун Коџ изјави дека претседателот на таа земја, Реџеп Таип Ердоган, преку видеопорака ќе им се обрати на учесниците на одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Амбасадорот Коџ за АА изјави дека геноцидот во Сребреница бил најголема трагедија која во Европа се случила по Втората светска војна, а во која се убиени повеќе од 8.000 бошњачки цивили.
Истакнувајќи дека тој геноцид не може да го прифати ниту една совест, Коџ изјави дека одбележувањето на 25-годишнината на геноцидот на 11 јули ќе биде со ограничено учество на луѓе поради пандемијата на Ковид-19.
Коџ наведе дека турскиот претседател Ердоган за време на минатогодишната посета на БиХ се состанал со преживеаните жртви од геноцидот во Сребреница.
„Претседателот Ердоган оваа година испрати видеопорака. Неговата порака ќе ја видиме на 11 јули во Меморијалниот центар во Поточари“, изјави Коџ.
Истакнувајќи дека сребреничката човечка драма не смее да се заборави, Коџ наведе дека од неа треба да се научат лекции.
„Во иднината треба да гледаме со надеж. Стабилноста, единството и целоста на БиХ се приоритетно важни за Балканот. Политичката стабилност и економски развој се главни теми на нашата поствоена политика“, изјави Коџ.
Нагласувајќи дека Турција секогаш била најискрен пријател на БиХ, амбасадорот Коџ изјави дека активните и ефикасни турски институции секогаш придонесувале за економскиот развој на БиХ.
Тој изјави дека Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА) ги поддржа активностите на обнова на покривот на фабриката за акумулатори во Сребреница.
Амбасадорот Коџ најави дека тој и претставниците на турските институции во БиХ активно ќе учествуваат и на претстојното одбележување на годишнината на геноцидот во Сребреница.