Балкан

Бахрудин Салиховиќ од Сребреница: „Пред 25 години одев и спиев меѓу мртвите“

- На гробиштата во Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“ на 11 јули ќе биде клањана џеназа (погребна молитва) и ќе се изврши погребување на 8 жртви

Adem Mehmedovic  | 09.07.2020 - Обновена : 10.07.2020
 Бахрудин Салиховиќ од Сребреница: „Пред 25 години одев и спиев меѓу мртвите“ Фото: Адем Мехмедовиќ / АА

СРЕБРЕНИЦА

Некомплетните скелетни останки на Бајро Салиховиќ (роден во 1943 година) пронајдени се минатата година во местото Казани кај Сребреница. По одлуката на семејството, Бајро Салиховиќ ќе биде погребан во Меморијалниот центар „Сребреница – Поточари“ на 11 јули оваа година.

„Имав 25 години кога падна Сребреница, кога го загубив татко ми, а 25 години по падот на Сребреница го пронајдов повторно и решивме да го погребаме. Мајка ми е болна. На нејзино инсистирање и иницијатива решивме да го погребаме оваа година, така што телото не е комплетно, но благодарни сме му на Бога, што е пронајдено што било, бидејќи и самиот го преживеав сето тоа“, раскажува Бахрудин, синот на Бајро, во разговор за Агенција Анадолија (АА).

Последен пат Бахрудин и неговиот татко Бајро се виделе кога падна Сребреница. „Го изгубив по првата заседа, првото гранатирање. Го барав, не можев да го најдам. Деветтиот ден го пронајдов на слободна територија. Слушнав од некои дека повторно се вратил кон Сребреница со одредена група. Тоа е сѐ што знам за него“, вели Бахрудин кој во 2002 година се вратил во Волјавица каде што живеел со своето семејство до 1992 година кога пребегале во Сребреница каде биле до падот во 1995 година.

Бахрудин вели дека поради ситуацијата предизвикана од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), неговиот брат и сестра нема да можат на 11 јули да присуствуваат на погребот на нивниот татко Бајро.

Братот на Бахрудин живее во Белгија, едната сестра во Австрија, втората во Германија, а третата во Австралија. Додава дека му е благодарен на Бога што коските на неговиот татко Бајро се пронајдени, иако телото е некомплетно и дека на семејството му е важно да знае каде е гробот на нивниот татко.

„За тоа сум му благодарен на драгиот Алах што е најдено што било од него да се погреба, да се знае каде е неговото гробно место, а да престанат манипулациите, дака не се мртви, дека не загинале толку. Повторувам, самиот го преживеав тоа, сѐ видов, газев по мртвите, одев меѓу мртвите, спиев меѓу мртвите. Од друга страна, драго ми е што ќе знаеме каде му е гробот, каде што ќе можеме да се помолиме и да ги однесеме нашите деца, да им покажеме каде е дедо им и да им кажеме дека е убиен во геноцид“, вели Бахрудин.

На гробиштата во Меморијалниот центар „Сребреница – Поточари“ на 11 јули ќе биде клањана џеназа (погребна молитва) и ќе биде извршен погреб на осум идентификувани лица.


- Што се случи во Сребреница?

Откако српските трупи под команда на Ратко Младиќ на 11 јули 1995 година ја окупираа Сребреница во источна Босна и Херцеговина, Бошњаците цивили прибежиште најдоа кај холандски војници кои беа во БиХ како дел од ОН, но подоцна тие им беа предадени на Србите.


Србите кои им дозволија на жените и децата да стигнат до регионот контролиран од бошњачката војска, убија најмалку 8.372 Бошњаци во шумските предели, во фабриките и магацините. Убиените Бошњаци биле погребани во масовни гробници.

По војната започна потрага за пронаоѓање на жртвите од војната, чии тела беа погребани во масовни гробници. По откривањето на масовните гробници и идентификацијата на жртвите, секоја година на 11 јули на Спомен-гробиштата во Поточари се одржува церемонија на погребување на жртвите.

И оваа година ќе бидат погребани уште 8 жртви на геноцидот, кои се идентификувани и за кои е дадено одобрение од нивните семејства.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.