ЗАГРЕБ (АА) - Министерот за надворешни работи и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, денес се состана со министерката за надворешни работи и дијаспора и потпретседателка на Владата на Косово, Доника Гервала-Шварц, со која разговараше за поддршката за Косово на евроатлантскиот пат, известува Анадолу.
„Хрватска и Косово се пријателски и партнерски земји со одлични билатерални односи“, порачаа министрите по состанокот во Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска (MVEP RH).
„Хрватска силно го поддржува пристапувањето на Косово кон сите меѓународни организации, вклучувајќи ги и Советот на Европа и Европската Унија, и подготвени сме да помогнеме во пренесувањето на нашето знаење, и со своето знаење и искуство да помогнеме во реформските процеси, водејќи сметка дека Хрватска ги оствари сите свои надворешнополитички приоритети и стратешки цели. Ја поздравувам посветеноста на косовската Влада кон европскиот пат на Косово и ја охрабрувам за продолжување на реформите“, изјави хрватскиот министер.

Министрите на двете земји разговараа и за политичката ситуација во југоисточна Европа, вклучувајќи го и дијалогот меѓу Косово и Србија.
„Нагласив дека единствен исправен пат на сите шест држави, базиран врз индивидуален пристап, е доследно и потполно исполнување на сите критериуми. Во поширока геополитичка смисла, Косово со своите проевропски ставови во својата надворешна политика се покажа како доверлив партнер. Ја истакнав хрватската посветеност во залагањето за што поскоро воспоставување на визна либерализација за косовските граѓани, за да се овозможи натамошната перспектива и европскиот пат за Косово“, заклучи Грлиќ Радман.
Косовската министерка истакна дека Хрватска и Косово „рано се одвоиле од Југославија, од комунистичката диктатура во која доминирала српската економска и националистичка политика, со цел постигнување демократија и суверенитет, во процесот во кој се соочиле со истиот агресор“.
„Ни останува да ги оствариме заедничките соништа кон евроинтеграциите. Цел на граѓаните и на Хрватска и на Косово е евроатлантскиот пат. Помошта на Хрватска на нашиот евроатлантски пат никогаш не отсуствуваше. Додека Косово не стане членка на европското семејство, имаме многу заедничка работа“, порача Гервала-Шварц.
Министерката Гервала-Шварц му го честиташе на хрватскиот колега успешното интегрирање во Шенген и еврозоната, и се заблагодари на брзата и ефикасна помош што Владата на РХ им ја пружи на косовските граѓани кои настрадаа во автобуската несреќа кај Славонски Брод.

Економските односи меѓу двете земји се во нагорна патека, што го покажува и вкупната трговска размена која во 11 месеци од 2022 година е поголема за 23 % во однос на истиот период претходната година.
Неодамна во Приштина се одржа заеднички косовско-хрватски економски форум на кој, покрај хрватскиот министер за економија Давор Филиповиќ, учествуваа околу 50 претставници на хрватски компании и 80 претставници на косовски компании.
Министерката за надворешни работи и дијаспора и потпретседателка на Владата на Косово, Доника Гервала-Шварц, за првпат службено ја посети Република Хрватска.
news_share_descriptionsubscription_contact
