Admir Fazlagic
13 Август 2020•Ажурирај: 13 Август 2020
СКОПЈЕ
Денеска во Вила Водно во Скопје, во попладневните часови се одржа средба помеѓу претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти кабинетот на претседателот на државата, по средбата, претседателот Пендаровски даде изјава за медиумите.
Претседателот Пендаровски истакна дека врз основа на Уставните одредби, но и врз основа на консултациите со еминентни правници, рокот за доделување на мандат започна да тече од денот на верификација на мандатите на 120-те пратеници, потенцирајќи дека според Уставот во тој период е должен да го довери мандатот на кандидатот на партијата или партиите коишто имаат мнозинство во Собранието, или пак на оној којшто го уверил дека преговара со повеќе политички партии за обезбедување мнозинство.
„Претседателот нагласи дека во однос на тврдењето на господинот Мицкоски, тој има сосема спротивен став кој се базира на читање на Уставот и следење на политичката пракса во изминативе 30 години на толкување на таа уставна норма", се вели во соопштението на кабинетот.
Претседателот Пендаровски во тој контекст истакна дека од верификацијата на мандати почнува броењето на десетте дена во кои претседателот е должен да го даде мандатот, односно, дека тоа не е опција, туку мора да го стори тоа, според членот 90 од Уставот, кој вели „Претседателот е должен да го даде мандатот“.
Притоа, претседателот Пендаровски потсети на ситуациите во 2006-та и во 2016-та година, кога со писмо од тогашните претседавачи на Собранието, Стојан Андов и Трајко Вељановски биле известени тогашните претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов дека со верификација на мандатите на пратениците Собранието е конституирано.
Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот Пендаровски посочи дека со исклучок на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ниту еден од останатите претседатели на парламентарните партии не го информирал дека може да обезбеди парламентарно мнозинство.
Претседателот Пендаровски нагласи дека „ниту еден претседател досега не барал изјави, освен Ѓорге Иванов вториот пат, откако Груевски не создаде парламентарно мнозинство, па мандатот требаше да го добие Зоран Заев". Тој додаде дека мнозинството од 61 пратеник не се утврдува кај претседателот со потписи или со нотарски заверени изјави, туку се утврдува на денот на гласањето во Собрание за нова Влада.
Во својата изјава претседателот Пендаровски образложи дека „доколку во следните 20 дена, претседателот на СДСМ Зоран Заев не успее да формира парламентарно мнозинство, тогаш мандатот ќе го добие претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски."
Потсетуваме, според официјалните податоци од Државната изборна комисија на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули, Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, освои 46 пратенички мандати, Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ освои 44 мандати, Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 15 пратенички мандати, Коалицијата „Алијанса на Албанците“ и „Алтернатива“ освоија 12 пратенички мандати, Левица освои 2 пратенички мандати и Демократската партија на Албанците (ДПА) освои 1 пратенички мандат.
На изборите за 120 места во Собранието на Република Северна Македонија учествуваа 15 коалиции и политички партии со повеќе од 1.500 кандидати.