БЕЛГРАД (АА) - Бизнисмените од регионот на Западен Балкан денес и утре во Белград и Ниш се вакцинираат против коронавирусот, а според зборовите на претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, се пријавиле околу 7.500 бизнисмени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој истакна дека најмногу бизнисмени и нивни вработени се пријавиле од Босна и Херцеговина, потоа од Северна Македонија, Црна Гора и од Албанија.
„Утре ќе бидеме за 7.500 пати посилни“, порача Чадеж.
Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, рече дека бизнисмените од БиХ и Албанија се вакцинираат во „БелЕкспо“ центарот, а бизнисмените од Црна Гора на Белградскиот саем, додека бизнисмените од Северна Македонија се вакцинираат во Ниш.
Весиќ и Чадеж оценија дека на Србија ѝ е потребно и нејзините соседи да бидат здрави, за заедно да постигнат заеднички економски успеси и порачаа дека Белград денес, на некој начин, е центар на регионот.
Пред „БелЕкспо“ центарот имаше голем метеж затоа што бизнисмените беа носени со автобуси, а за вакцинација се пропуштаат по десетмина, но во исто време тука се вакцинираат и граѓаните на Белград.
- Пријавување преку стопанските комори -
Бизнисмените се пријавуваа за вакцинација преку своите стопански комори, а оние што разговараа со екипата на АА изјавија дека се пријавиле преку фирмите и коморите и дошле затоа што во својата земја нема да можат во скоро време да примат вакцина и дека организацијата била ефикасна.
„Јас сум од Северна Македонија, од Велес. Дојдов затоа што слушнав дека можеме да се вакцинираме тука, дека оди брзо, а според редоследот, таму треба да почекаме“, порача жителка на Северна Македонија која за вакцинација се пријавила преку роднини.
„По препорака на Стопанската комора на Република Србија, добивме препорака, така се решивме“, рече еден од бизнисмените од БиХ и додаде дека тој се пријавил преку интернет и дека дошол со автомобил.
Тој додаде дека процесот се одвива релативно брзо.
„Ние сме од Албанија, екипажот на албанската авиокомпанија, тука сме да се вакцинираме. Во нашата земја не е можно да се обезбедат вакцини за сите категории и не се обезбедени за нашата категорија“, рече една стјуардеса од Албанија.
Таа додаде дека било лесно да се организира сè и да се дојде на вакцинација.
Бизнисмен од БиХ рече дека дошол на вакцинација затоа што тоа се препорачува и дека верува дека тоа е вистинскиот начин за создавање колективен имунитет и дека се пријавил преку претпријатието.
Во име на бизнисмените од регионот, можноста да се вакцинираат во Белград, во организација на Стопанската комора на Србија, ја поздравија претставниците на бизнис-заедницата од Албанија, Адријан Шир, како и од Босна и Херцеговина, Шевал Суљаковиќ.
Суљаковиќ рече дека верува дека денес и утре ќе се вакцинираат околу 5.000 до 6.000 бизнисмени од БиХ.
- Помош на економиите -
„Ја поздравуваме и поддржуваме иницијативата за вакцинирање на добар дел од бизнисмените, верувам дека тоа ќе бидат од 5.000 до 6.000 што ќе дојдат денес и утре, а кои се пријавија преку Надворешнотрговската комора. Ова е можност на тој дел од бизнисмените да им се овозможи намалување на пандемијата, кога станува збор за коронавирусот, и со тоа да се овозможи подобрување на економскиот развој на БиХ“, рече Суљаковиќ.
Шир рече дека акцијата е исклучителна и дека ќе ѝ помогне на економијата.
„Ова е одлична мисија со цел да ѝ помогнеме на економијата. Сега сме во пролетен период и се надевам дека по оваа акција економијата ќе може да закрепне од она што го претрпевме во 2020 година“, рече тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
