Fatjon Cuka
28 Април 2021•Ажурирај: 29 Април 2021
ТИРАНА (АА) - Според прелиминарните официјални податоци на Централната изборна комисија на Албанија (ЦИК), Социјалистичката партија (ПС) е победник на парламентарните избори што се одржаа на 25 април во Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Албанија заврши процесот на броење на гласовите за политичките партии во сите 5.199 гласачки места, а владејачката партија под водство на премиерот Еди Рама, освои 48,68 отсто од гласовите, односно 74 пратенички мандати од вкупно 140 пратенички места во Парламентот на Албанија.
По Социјалистичката партија, следува коалицијата под водство на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Албанија (ПД), со 39,43 отсто гласови, односно со освоени 59 пратенички мандати.
Другата опозициска партија, Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), е на трето место со 6,81 отсто, со што освои 4 пратенички места.
Социјалдемократската партија освои 3 пратенички места, со 2,25 отсто од гласовите.
Во земјата продолжува процесот на броење на гласовите за кандидатите за пратеници, при што ќе се определи конечниот список на идни пратеници.
Во Албанија за прв пат една политичка партија трет пат по ред освојува мандат од 1991 година по распадот на комунистичкиот режим.