Dejan Maksimovic
04 Октомври 2024•Ажурирај: 04 Октомври 2024
САРАЕВО (АА) - Советот на министри на Босна и Херцеговина на вонредна телефонска седница упати сочувство до семејствата на жртвите од катастрофалните поплави и свлечишта во Босна и Херцеговина, истовремено изразувајќи длабока солидарност со населението во погодените области, на кои ќе им биде обезбедена финансиска помош, јавува Анадолу.
Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина е задолжено, во соработка со Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина, согласно со надлежностите на институциите на Босна и Херцеговина, а врз основа на барањата добиени од Оперативно-комуникацискиот центар на Босна и Херцеговина, да ја обезбеди сета расположлива помош за поплавените подрачја.
Во согласност со своите надлежности, Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина е должно да ја следи состојбата на терен и да соработува со надлежните институции на соседните земји кои веќе изразиле подготвеност да ѝ пружат меѓународна помош на БиХ и доколку е потребно, да побараат и од другите земји меѓународна помош.
Советот на министри на Босна и Херцеговина ќе одобри средства од тековната резерва на буџетот на институциите на Босна и Херцеговина и меѓународните обврски на БиХ за помош на населението од погодените области, во согласност со наведените потреби на кантоните, градовите и општините. Во таа насока, Министерството за безбедност, во соработка со Министерството за финансии и трезор, итно ќе подготви и до Советот на министри на БиХ ќе поднесе предлог за одлука за одобрување средства од тековната буџетска резерва на институциите на Босна и Херцеговина и меѓународните обврски на БиХ кон погодените подрачја.
„Советот на министри на Босна и Херцеговина им се заблагодарува на домашните институции, како и на странските влади и меѓународните институции кои изразија подготвеност да ѝ помогнат на Босна и Херцеговина и подрачјата погодени од поплавите. Советот на министри на Босна и Херцеговина продолжува да го следи развојот на ситуацијата на терен“, соопшти Советот на министри на БиХ.